АВМУ: Медиумите да се придржуваат до Насоките за известување и законските обврски

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги поздравува заложбите на медиумите за навремено информирање на граѓаните за состојбата со коронавирусот и за мерките што надлежните органи ги преземаат за заштита и превенција од ширење на Ковид-19.

Како што се наведува во соопштението од АВМУ, имајќи ја предвид улогата на медиумите во време на прогласена вонредна состојба поради коронавирусот, Агенцијата е свесна за можна појава на отстапки од програмскиот концепт за којшто им е доделена дозволата и за неможноста доследно да се почитуваат некои одредби од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сепак, радиодифузерите треба да вложат максимални напори и да не ја користат пандемијата како изговор за непочитување на Законот, посочуваат од АВМУ.

– Во контекст на професионално и безбедно извршување на задачите, Агенцијата им препорачува на медиумите да се придржуваат кон Насоките за безбедно и професионално известување за коронавирусот (Ковид-19) на Здружението на новинари и на Советот за етика во медиумите на Македонија, каде што има практични упатства и за професионалноста во работењето и за обезбедување на заштита и безбедност на медиумските работници, се наведува во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави