Над четири илијади граѓани се во самоизолација, а МВР врши анализа дали е неопходно да се мобилизираат припадници на резервниот полициски состав, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција.
Според него, полицијата од денеска ќе почне да ги применува мерките на Владата за забрана на движење на Водно и растурање на групи поголеми од пет лица.
-Само во Скопје има 1.088 лица во самоизолација, а 3.787 лица се во цела Македонија. Во Скопје само еден случај е забалежан на непочитување на наредбата, а 27 во останатиот дел од државата. СВР Скопје во изминативе 24 часа изврши контрола на 81 објект, од кои три не ги почитувале мерките на Владата, а 462 на територијата на цела Македонија, при што шест не ги почитувале обврските. Досега министерството за внатрешни работи во врска со непочитување на мерките, односно здравствените прописи за епидемијата Ковид – 19 по член 206 и 205 од Кривичниот законик поднело 39 кривични пријави против 47 сторители, рече Чулев.
Според него, засега нема најави за ограничување на движењето на граѓаните во Скопје со оглед на зголемениот број на заразени во главниот град.
– Претпоставувам дека бројот е зголемен затоа што и поголем број на граѓани сега сами спроведуваат тестови во приватните клиники и лаборатории, тоа е добро на некој начин заради тоа што може нас како МВР ни е полесно за мапирање, а подоцна и мапирање на нивните контакти вклучувјќи го и Министерството за здравство. Засега не се размислува во таа насока, тоа е одлука што треба да биде доенсена од Влада, наведе Чулев, додавајќи оти Министерството го зголемило бројот на полициски службеници кои се распоредени на терен за контрола на лицата кои се во изолација и самоизолација и контрола на спроведување на мерките и на одлуките на Владата.
Тој посочи дека можеби во наредниот период ќе се преземат поригорозни мерки со цел ограничување на движењето на луѓето. Прашан колку често се прави контрола на лицата кои се во изолација, односно на колкав временски интервал, Чулев информира дека секторите за внатрешни работи прават контрола на лицата кои имаат издадено решенија за здравствен надзор два пати дневно со полициски патроли.
https://www.facebook.com/mvr.gov.mk/videos/211430489961589/?t=0
Тој рече дека МВР размислува за ангажирање на резевниот полициски состав и дека се јавуваат доброволно резервисти да се ангажираат.
-Го имаме тоа предвид, голем број полициски резервисти сами се пријавуваат, но засега не е неопходно тоа, со оглед дека претседателот има прогласено вонредна состојба и сме во континуирани разговори, а имаме формирано и заеднички оперативен штаб со Армијата со цел нивна асистенција во однос на мерките и ингеренциите на полицијата. Доколку има потреба секако дека ќе се ангажираат и резервите на полицискиот состав, додаде Чулев.