Столтенберг до Спасовски: По депонирање на вашата ратификација, Северна Македонија ќе биде 30. членка на НАТО

Во писмото што до премиерот, Оливер Спасовски, пристигна денеска, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пишува дека земјите членки на Алијансата ја известиле Владата на Соединетите Американски Држави дека тие го прифатиле и ратификувале Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, потпишан на 6 февруари 2019 година во Брисел, и дека следствено на тоа, Протоколот стапил во сила.

„Во име на сите земји членки, чест ми е да Ве известам и да Ви ја упатам поканата да се придружите на Северно-Атлантскиот договор“, пишува во писмото генералниот секретар Столтенберг.

Согласно Членот 10 од Северно-Атлантскиот договор, Република Северна Македонија станува полноправна членка на НАТО со денот на депонирањето на пристапниот инструмент во Владата на Соединетите Американски Држави.

„Дозволете ми да ја искористам оваа прилика и да го изразам моето задоволство, како и задоволството на сите земји членки на НАТО, во однос на претстојното пристапување на Северна Македонија во Алијансата“, пишува генералниот секретар Јен Столтенберг во писмото.

Треба да знаете
Последни објави