Болницата „Папа Јован“ во Бергамо е една од најтешко погодените болници од пандемијата на коронавирус во Европа. Овој град се наоѓа на северот на Италија, во провинцијата Ломбардија, која е најкритична област во земјата. Сцените од оваа болница се ужасни, пренесува „Скај њуз“.
Ходниците се полни со болнички кревети со пациенти кои се борат за воздух. Медицинскиот персонал кој носи маски, ракавици и заштитни костуми постојано е во брзање. Просториите се полни со пациенти заболени со коронавирус, вклучително и чекалниците.
Според информациите, бројот на новопристигнати пациенти не опаѓа, а истото се случува и низ цела северна Италија. Звучи обесхрабрувачки, но болниците како да ја губат битката со вирусот.
Персоналот работи непрестајно, во обид да зачува што повеќе пациенти и да ги спаси од смрт. Тие се собираат околу новопристигнатите пациенти за да постават монитори за отчукувањата на срцето, инфузија и, што е најважно, респиратори. Без нив, пациентите не можат да преживеат.
Од снимките од внатрешноста на болницата, на прв поглед се чини дека сте во одделението за интензивна нега, а всушност сте во одделот за итни случаи. Интензивната нега е веќе преполна. Во просторијата за итни случаи се пациентите кои штотуку пристигнале, но и тие се во сериозна состојба. Сите оддели се толку полни што многу тешки случаи не се сметаат за критични сè додека луѓето не се на работ на смртта. Инфицирани постојано доаѓаат, се наведува во репортажата.
Главната болница во Бергамо досега не дозволуваше медиумите да снимаат во нејзините простории, но сега докторите одлучија дека е важно целиот свет да види со што се соочуваат. Тие сакаат да ги охрабрат народите и властите сериозно да се постават во однос на вирусот. Италија беше фатена неподготвена, но тоа не мора да биде така со остатокот од светот.
Докторите во Бергамо велат дека Ковид-19 не влијае на телото исто како и грипот. Го поистоветуваат со хронична пневмонија, која одзема стотици животи секој ден. Доктор Роберто Косентини, директор на Секторот за прием и згрижување на итни случаи, вели дека тие никогаш не виделе ваков вид нарушување.
„Ова е исклучително тешка пневмонија, што го оптоварува целиот здравствен систем, затоа што секој ден имаме 50-60 нови пациенти кои се во сериозна состојба веднаш штом пристигнат во болницата, а на повеќето им е потребна голема количина кислород“, открива Косентини за „Скај њуз“.
Тој додаде дека ја реконструирале болницата на три нивоа за интензивна нега.