Претседателот на Владата на Република Северна Македонија вечерва имаше вонредно обраќање по повод воведувањето ограничување на движењето на сите граѓани (полициски час).
-Објавувам дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за уште една мерка што за прв пат се воведува во историјата на нашата земја на целата територија.
На седница на Владата на Република Северна Македонија, донесовме одлука за воведување најрадикални мерки со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните од коронавирусот. Од утре започнуваме со ограничување на движењето на сите граѓани, односно полициски час. Се забранува движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден!
Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата- порача Спасовски и продолжи:
-Повторувам дека ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас, така и во целиот свет. Таа ситуација бара од нас исто такво радикално менување на нашето секојдневие.
Затоа ја донесовме оваа мерка. Владата на Република Северна Македонија ја донесе оваа тешка одлука врз основа на стручното мислење на Комисијата за заразни болести. Според нивните анализи и научно засновани сознанија за интензивирање на локалното пренесување на коронавирусот, се налага ваква радикална мерка за да се спречи натамошното ширење на вирусот.
За да се спречи понатамошно ширење на вирусот на територијата на целата држава, Владата на Република Северна Македонија вечерва одлучи:
1. Да се забрани движење на населението во Република Северна Македонија во временски период од 21:00 – 06:00, а со цел спречување на ширење на заразната болест COVID-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија.
• Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош / животно загрозувачка состојба/лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица.
• Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед. Ова е усогласен став со Министерство за внатрешни работи и е оперативно изводливо.
• Директорите на јавно здравствените установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи или друго Министерство/Установа, со цел изготвување на специјални пропусници/легитимации, за лицата кои ќе можат да се движат вон рестриктивните часови. Со тоа Министерство за внатрешни работи да има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат.
• Во контекст на постоечките рестрикции за движење не се опфатени припадниците на Министерство за внатрешни работи, Армија на Република Северна Македонија, противпожарните екипи, лицата вработени во комунална хигиена, кои се во моментот на работа во смена.
• Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.
• Да се задолжат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).
2. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.
3. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).
4. Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50% во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.
5. Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од 06:00 – 21:00 на јавни места и површини.
Тоа го имавме како одлука, и сега го потврдуваме и на овој начин.
6. Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период.
7. Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.
Премиерот Спасовски во вонредното обраќање по донесените мерки додаде:
-Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа крајно загрижувачка ситуација и да преземе максимално одговорно однесување. Секој еден граѓанин и секој еден субјект е повикан да биде дел од оваа наша заедничка битка. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме вонредно и најодговорно.
За животите на нашите граѓани сѐ работи, за опстанокот на нашиот економски систем се работи.
Затоа, сите да се кренеме на висината на задачата и ќе ја совладаме оваа ситуација. Ја прифативме најсериозно заканата и затоа мора најригорозно да ги почитуваме мерките.
Ако го направиме тоа сите ние, ќе ја совладаме заканата и заедно ќе излеземе многу посилни.
Да им оддадеме признание на здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата и на сите останати за се’ што досега направија.
Да им ги создадеме сите услови да продолжат успешно да ги остваруваат нивните професионални задачи во справувањето со оваа хуманитарна криза, за сето она што ќе го прават во претстојниот период.
Сакам особено да им се заблагoдaрам и на медиумите, на поголемото мнозинство од нив, на новинарите, снимателите, фото репортерите, на сите медиумски работници, за нивниот придонес во оваа наша заедничка борба. Тие се многу значаен фактор во борбата за спречување на ширењето на вирусот. Бидете уверени дека ако сите ги почитуваме мерките што ги воведуваме, значително ќе го намалиме ризикот и времето и ќе го вратиме нашето безбедното секојдневие.
Овие мерки се затоа што нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање.
Да ги почитуваме. Само така успешно ќе се справуваме со состојбата, ќе ги спасиме семејствата, ќе го спасиме народот и државата.