Сојузот на синдикати на Македонија смета дека исплатата на минимална плата за администрацијата и јавниот сектор може да повлече и исплата и на минимална плата во целиот приватен сектор што ќе се одрази врз егзистенцијата на работниците.
– Здравствената криза не смее да премине во криза на пазарот на трудот и истата да биде надминувана на грбот на работниците преку незаконски кратења на нивните плати во овие моменти кога има покачување на сите цени на сите производи, велат од ССМ.
Апелираат да се употребат сите расположливи ресурси за да им се помогне на најранливите категории на граѓани како што се работниците, самохраните родители, самовработените, невработените, социјалните случаи и лицата со посебни потреби.
Бараат од Владата без одлагање да го донесе пакетот мерки што го предлагаат како што се мораторум на сите откажувања на договорот за вработување во период од 60 дена и исплата на плати без нивно намалување со одложено плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување со тоа што во рок од шест месеци по надминување на вонредната состојба, средствата ќе бидат уплатени во соодветните фондови. Се предлага и одложување на плаќањето на рати за кредити и репрограм за шест месеци за сите работници, граѓани и компании од приватниот сектор.
За јавниот сектор се бара секоја мерка што ќе биде преземена да биде согласно Законот за работните односи и Колективниот договор за јавен сектор.
– Гранските синдикати здружени во Сојузот на синдикатите на Македонија не прифаќаат донесување на никаков сет мерки надвор од рамките на ЗРО и Колективните договори од јавниот и приватниот сектор со кои ќе се намалуваат платите на работниците во државата, истакнуваат од ССМ.