Прес- конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Во тешки времиња за македонскиот народ, за сите граѓани на Северна Македонија, за нашиот Балкан и за целиот свет, од Европската унија добивме радосна и долгоочекувана вест.
Донесена е одлука: Северна Македонија почнува преговори за членство во Европската Унија!
Историската грешка е исправена. Нема веќе никакви пречки ниту услови.
Европската комисија треба да ги спроведе подготовките, а првата меѓувладина конференција ќе се одржи најбрзо што може.
Во екот на борбата против коронавирусот, кога сите наши капацитети и мисли се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните и кон санирање на економските последици, ова е охрабрувачка порака дека само со напорна работа, труд и државнички одлуки може да се соочиме со предизвиците. Ја ослободивме државата. Презедовме чекори и донесовме храбри одлуки за да ги решиме проблемите со соседите. Ставивме крај на расипништвото и на стравот. Ја ставивме економијата на здрави нозе. Ја внесовме земјата во НАТО. И еве сега почнуваме преговори со ЕУ. Ваквите храбри и одлучни чекори ги преземаме и денес во борбата со опасниот вирус. И знам дека ќе успееме, повторно!
Веднаш по објавување на оваа историска одлука стигнаа и првите вести за сериозна помош за нашата земја во заедничката борба против коронавирусот. Кој ако не Европската Унија одвојува 66 милиони евра за Северна Македонија.
50 милиони евра од ЕУ за економско-социјалното закрепнување.
9 милиони евра за поддршка на приватниот сектор.
3 милиони евра директна буџетска поддршка
4 милиони евра за итните наши потреби.
Благодарни сме на оваа помош и поддршка, затоа што заедно сме и посилни и секако заедно поуспешно ќе се справиме со сите предизвици.
Иако е тешко време, има на што да сме горди. Бидете горди, ова е ваш успех, успех на секој македонски граѓанин со минимум демократска определба во себе. По влезот во НАТО, ја реализираме еве и втората стратешка цел, поставена уште на денот на независноста – 8 септември далечната 1991 година.
Успеавме за само 2,5 години со мудри, државнички политики да станеме земја за пример. Иднината на земјата е обезбедена. Нема враќање назад, продолжуваме само напред.
Оваа одлука е верификација за напорите и спроведените реформи во последните 2,5 години во четирите главни области: судство и владеење на правото, реформа во разузнавачките служби, реформи во јавната администрација и борба против криминалот и корупцијата.
Ние сме земја пример за брзи и темелни реформи.
Тоа е верификувано едногласно од државите членки на ЕУ. Сите тие сметаат дека Република Северна Македонија треба итно, без услови да ги започне преговорите и во таа насока ја задолжуваат Европската комисија без одлагање да ги започне неопходните подготовки за преговарачката рамка и меѓувладината конференција.
Подвигот на нашата татковина директно произлегува од тешките политики, државнички одлуки кои ги донесовме како Владата предводена од СДСМ и мнозинството пратеници во Собранието.
Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, без реформите и уставните измени, без Законот за јавно обвинителство немаше да биде возможен овој денешен успех. Тоа се храбрите политички одлуки кои ги отворија вратите од чекалната во која седевме 15 години. Голем дел од тие одлуки беа донесени со 2/3 мнозинство во Собранието. 2/3 мнозинство од народните претставници кои покажаа историска одговорност од име на својот народ и во име на сигурната иднина која е пред нас.
Почитувани граѓани, Ви благодарам на поддршката. Сето ова најмногу е успех на вас – граѓаните кои во огромна бројка од преку 80% давате силна поддршка за интеграција во ЕУ и храбро ги поддржавте нашите одлуки.
Со денешниот ден завршува нашето чекање од 15 години откако го добивме кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Преговорите започнуваат и враќање наназад повеќе нема.
Иднината на Северна Македонија е обезбедена и загаранирантирана, членка на НАТО и ЕУ!
Започнува процес на позитивна трансформација на државата и општеството низ која поминаа сите денешни членки на Европската унија
Патот кој денес го започнуваме треба да го завршиме како држава членка на ЕУ. Да го исполниме сонот на повеќе генерации Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други граѓани за развиена, демократска и напредна држава.
На овој успех треба да се израдуваат сите граѓани, сите политички партии, сите етнички заедници и целото наше општество.
Но, исто така, овој момент означува почеток на еден преговарачки процес каде ќе требаат бројни промени и прилагодувања на европските правила за современо општество. Тој процес нема да е лесен, но тој процес ја претставува најважната должност на нашата генерација: Дома да биде ЕУ и ЕУ да биде дома.
Ја користам оваа можност да се заблагодарам на сите наши пријатели во Европската унија, европските лидери, лидерите на Европските институции и пратениците во Европскиот парламент кои напорно и упорно работеа за кревање на оваа бариера која долго стоеше на нашиот пат. Граѓаните на нашата татковина ќе го паметат ова партнерство и пријателство и ќе го негуваат во годините кои следуваат пред нас. Благодарам и до ЕУ амбасадорот Жбогар, на амбасадорите од земјите членки на ЕУ како и нивните тимови што работеа со нас.
Народе мој,
Вредеше да се бориме за ова, вредеше да носиме храбри одлуки.
По денешната одлука, нашата иднина сега е посигурна, а нашата желба за работа и успех уште поголема.
Пред нас е предизвикот да се избориме со здравствената и економска криза предизвикани од коронавирусот, а потоа целосно да се посветиме на процесот на преговори.
Знам дека заедно ќе успееме, ќе се избориме со предизвиците и ќе започнеме преговори со Европската унија, последниот чекор кон полноправно членство во најголемото европско семејство.
Да живее нашата татковина, Република Северна Македонија!
Да живее македонскиот народ.
Да живеат сите граѓани на нашата татковина.