Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика Русија да ги исполни своите обврски од договорот за сеопфатна контрола на нуклеарното вооружување „СТАРТ“, кој вклучува инспекција на нуклеарните капацитети.
„Со загриженост забележуваме дека Русија не ги исполни своите законски обврски, вклучително и инспекцијата, и ја повикуваме Русија да ги исполни своите обврски од Договорот“, напиша генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во објава на Твитер.
Наведува дека сојузниците на НАТО се согласуваат дека договорот „СТАРТ“ придонесува за меѓународната стабилност со ограничување на руските и американските стратешки нуклеарни сили.
„Затоа, со загриженост констатираме дека Русија не ги исполни своите законски обврски од Новиот договор СТАРТ“, се додава во соопштението на НАТО.
„Сојузниците на НАТО продолжуваат да гледаат на ефективната контрола на вооружувањето како суштински придонес за нашите безбедносни цели. Новиот договор „СТАРТ“ останува во националниот безбедносен интерес на сите земји, вклучително и сојузниците на НАТО“, се вели во соопштението.
„Ја повикуваме Русија да ги исполни своите обврски од Договорот со тоа што ќе овозможи инспекции на руска територија“, се заклучува во соопштението.