Се очекува Северна Македонија денеска до американскиот Стејт Департмант да го достави ратификуваниот Протокол за членство во НАТО, со што земјата и официјално ќе стане 30-та членка на Алијансата, објави американскиот портал специјализиран за одбранбени прашања „Дефенс Њуз”.
Ваквиот чекор следи откако Шпанија минатата недела го ратификува Протоколот, како последна меѓу членките на НАТО, по што генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на 20 март упати писмо до премиерот Оливер Спасовки со кое официјално ја покани Северна Македонија да стане 30-та членка на Пактот, наведува порталот.
Стејт департментот во средата информира дека на 19 март 2020 година биле исполнети условите за „влегување во сила на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон Северноатлантскиот договор, изготвен во Брисел на 6 февруари 2019 година”.
– Протоколот стапи во сила на 19 март 2020 година во согласност со членот 2 од Протоколот, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Сепак, како што истакнува „Дефенс Њуз”, за договорот да биде комплетен, Северна Македонија мора да го достави својот „инструмент за пристапување” до Стејт департментот.
Порталот наведува дека Амбасадата на земјава во Вашингтон потврдила дека документите ќе бидат доставени денеска во Стејт департментот.
По ова се очекува да уследи и официјална церемонија на подигнување на знамето на земјава пред седиштето на НАТО во Брисел, додава „Дефенс Њуз”.
Порталот потсетува дека патот на Северна Македонија кон членството во НАТО почна во 1995 година, кога земјата се приклучи кон програмата „Партнерство за мир”, а формалниот пат за зачленување во Алијансата беше инициран на Самитот на Пактот во Вашингтон во 1999 година.
– Но, приемот во НАТО со години беше блокиран од страна на Грција, со нејзиното барање Македонија да го промени или модифицира своето име, за да се избегнат какво било претензии кон територијата и античкото наследство на регионот во северна Грција со името Македонија – родното место на антички воин, кралот Александар Велики. Договорот меѓу двете земји од 2018 година доведе до тоа Македонија да стане Северна Македонија, а Грција се откажа од своите приговори на членството на државата во Алијансата, истакнува „Дефенс Њуз”.
Поранешен американски заменик помошник секретар за одбрана задолжен за европска и НАТО политика, Џим Таунсенд во изјава за „Дефенс Њуз” изразува оптимизам дека по приемот во Алијансата, земјава ќе стане членка и на ЕУ, иако, како што вели, таа нема да биде важен играч во одбранбениот систем на Унијата, имјаќи ја предвид нејзината големина.
Таунсенд, кој сега е дел од тинк-тенкот Центар за нова американска безбедност (ЦНАС), нагласува дека влезот на земјава во Алијансата доаѓа во време кога Пактот мора да размислува за проширување на својата мисија за справување со големата безбедносна криза: коронавирусот.
– Оваа криза не е воена, но бидејќи НАТО е единствената заедничка институција на трансатлантската заедница, најмалку што требаше е НАТО да биде искористен за координирање на одговорот (на коронавирусот), сметаТаунсенд.