Словенечката Влада денеска апелираше сите приватни компании кои поседуваат хотели или одморалишта, истите да ги отстапат за во нив да се сместат словенечките граѓани кои се враќаат дома од високо ризичните земји зафатени со коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, портпаролот на Владата Јелко Кацин на редовната прес конференција изјави дека сега сите треба да покажат солидарност.
– Сакам да и се заблагодарам на кинеската компанија Горење Хисенсе што ни го отстапи хотелот во Велење и во него во државен карантин да бидат сместени нашите сограѓани кои дојдоа од Шпанија. Треба и други компании да го следат истиот пример – изјави Кацин.
Инаку, Кацин изјави дека до сега државата издала 445 решенија за карантин.