Во образовната емисија „ТВ Училница”, која од 16 март секој работен ден се прикажува на Македонската радио-телевизија, денеска гостуваа премиерот Оливер Спасовски и министерот за образование и наука Арбер Адеми, за да апелираат до најмладите колку е важно да се почитуваат препораките и да се заштитат од заразата.
– Најважно е да се почитува тоа што ни го кажуваат лекарите, кои најдобро знаат како да се заштитиме себеси, нашите семејства и, генерално, околината. Важно е одржување на личната хигиена и да останеме колку што е можно повеќе дома. Ако излегуваме по некоја потреба, да не се групираме повеќе од пет лица или самостојно шетање или со еден родител, зашто ако не ги почитуваме овие правила се зголемува и ризикот од инфекцијата, им порача Спасовски на најмладите.
На прашања за нивните работни обврски, кои им ги поставија домаќините на „ТВ Училница” (Лина и Цветко од 5+ Фамилија, т.е. актерите Сања Арсовска и Игор Ангелов), Спасовски и Адеми одговорија дека секој ден имаат седници на Влада за нови мерки за заштита и дека многу дискутираат и за образованието и како децата и од дома да се едуцираат. Притоа, иако се на работа, и самите се придржуваат на мерките за држење растојание и дезинфекција, рече премиерот.
„ТВ Училницата” ќе продолжи со нови содржини во понеделник. Наменета е за основците и за децата од предучилишна возраст и се организира на македонски јазик на МРТ1 и на албански јазик на МРТ2.
Од 9.30 до 10 часот е програмата за претшколските деца, а по получасовниот „голем одмор”, од 10 до 12.15 часот е „ТВ Училницата” за основците која завршува во 12.15 часот. Потоа, од 12.15 до 12.45 часот, секој ден се прикажува и по една епизода од „Бушава азбука”.