Европската Комисија предлага да се издвојат дополнителни 75 милиони евра од заедничкиот европски буџет за да се помогне во репатријација на граѓаните затекнати во странство, како и за зголемување на итна медицинска опрема, јави дописничката на МИА од Брисел.
Предлогот го формулираа еврокомесарите за буџет и за хуманитарна помош, Јоханес Хан и Јанез Ленарчич.
-Правиме сѐ што можеме за да им обезбедиме на нашите граѓани да се вратат кај нивните семејства што е можно побргу во овие тешки времиња, изјави Ленарчич.
Европската Комисија преку своите механизми за итна помош ги координира активностите на земјите членки за репатријација на затекнатите граѓани во странство.
Планирани се 80 летови во наредните денови, а досега се вратени дома 2.312 лица од Кина, Јапонија, САД, Мароко, Тунис, Грузија, итн.
Преку механизмот за цивилна заштита трошоците ги носат заедно земјите членки, врз основа на принципот на солидарност на ЕУ.
Истовремено, Европската Комисија бара и зголемување на буџетот на системот за итна помош рескЕУ кој предвидува залихи на медицинска опрема како маски, и други неопходни медицински апарати.