– На повеќе фронтови во Либија денеска избија интензивни судири по жестокото бомбардирање на Триполи во текот на изминатата ноќ, а постојаните борби претставуваат закана за напорите, чија цел е спречување на пандемијата на новиот коронавирус.
По релативниот мир во изминатите неколку недели, сериозни воени судири продолжија оваа седмица и покрај повиците на меѓународната заедница за смирување за да му се овозможи на преоптоварениот здравствен систем на Либија да се подготви за пандемијата.
По долгогодишната нестабилност и насилство, здравствената инфраструктура во Либија е речиси разурната, а голем број лекари и медицински сестри не земале плата од декември минатата година.
Во понеделникот во Либија беше потврден првиот случај на зараза од Ковид-19, а станува збор за државјанин на таа земја кој неодамна се вратил од странство.