– Северна Македонија денеска стана најновата членка на НАТО по депонирањето на инструментот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Стејт департментот на САД. НАТО сојузниците го потпишаа протоколот за пристапување на Северна Македонија во февруари минатата година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјата, објави Алијансата на својата веб страница.
Добредојде ни посака и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
– Добредојде во НАТО Северна Македонија! Патот беше долг, но напорите вродија со плод. Формалниот процес на пристапување е завршен, драго ни е што 30-тата земја членка на Алијансата е со нас, објави на својот Твитер профил Столтенберг.
Церемонијата за подигање на знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО ќе се одржи на 30 март годинава во присуство на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателот на Воениот комитет на НАТО воздухопловниот маршал сер Стјуарт Пич и Зоран Тодоров од делгацијата на нашата земја во НАТО.
Знамето на Северна Македонија ќе биде истовремено подигнато и пред седиштето на Заедничката команда во Монс, Белгија и Сојузничката команда во Норфолк во САД.