Градоначалникот на Велес Аце Коцевски, неговата сопруга и нивните деца се негативни на коронавирусот, информираше градоначалникот на својот профил на Фејсбук.
Коцевски и неговото семејство се во изолација откако сопругата како матичен лекар имала контакт со две лица од заболените велешани со коронавирусот.
„Драги ФБ пријателки и пријатели. Ве известувам дека според резултатите од земените примероци за корона вирусот и јас и членовите на моето семејство се негативни. Ви благодарам за вниманието, грижата и за големата поддршка. Посакувам и резултатите на сите други да бидат негативни.
Вам и на Вашите најмили ви посакувам добро здравје. Ќе помине и ова.Чувајте се“,напиша Коцевски.
Вкупната бројка на заразени лица кај нас изнесува 219. Според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во десет града, и тоа најмногу во Скопје (134), Дебар (43), Куманово (17), Штип (8), Прилеп (6), во Охрид и Велес по три, по два случаи во Кавадарци и Тетово и еден во Гостивар.
Досега од вкупните 219 случаи, три лица оздравеа и исто толку починаа.
На Инфективната клиника се наоѓаат 41 пациент, од кои седум се во потешка здравствена состојба, но тие не се на респиратор, 27 се во среднотешка состојба и 7 се со благи симптоми, додека стабилна е состојбата на пациентите во Штип.