„Систина“ набави нови 35.000 тестови за коронавирус

Клиничката болница „ Аџибадем Систина“ почна да врши тестирање за детекција на присуство на коронавирусот (Ковид – 19) кај населението.

Покрај првично набавените 15.000 тестови, извршена е набавка и на уште 35.000 нови, со цел брзо детектирање на заболените со коронавирусот.

„Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото. Тестирањето се врши со земање крв, а процесот на тестирање не трае подолго од 10 минути“, велат од болницата.

До денеска од сите тестирани пациенти во КБ „Аџибадем Систина“ позитивни беа резултатите за 11 пациенти. Сите позитивни се пријавени во Институт за јавно здравје, согласно пропишана постапка за понатамошно постапување.

Серумските тестови кои Клиничката болница „Аџибадем Систина“ ги набави од холандска фирма се користат за масовен скрининг на населението, нешто што е една од клучните препораки на здравствените организации со цел рана детекција на вирусот кај населението и спречување на неговото ширење.

Акција за масовен скрининг на населението како мерка најави и Министерството за здравство, а со цел да се детектираат групите на луѓе кои во моментот може да се во фаза на инкубација, а не се свесни за тоа. Целта на ваквиот тип на тестирање, како што тврди Гебрејесус, директорот на Светската здравствена организација е со раното откривање на заразените да се прекине синџирот на пренесување што претставува најефикасниот начин да се спречи инфекцијата и да се спасат животи.

Во текот на вчерашниот ден болницата ја посети Комисија од Министерството за здравство со цел да се изврши увид во капацитетите на болницата во делот на тестирањето и со серумските и со молекуларни тестови за Ковид 19, при што беше констатирано дека „Аџибадем Систина“ и од аспект на медицински персонал и опрема ги исполнува условите за безбедно и сигурно извршување на двата вида на тестови, по утврдената постапка.

Треба да знаете
Последни објави