Коалицијата предводена од Саудиска Арабија извршила неколку напади врз јеменскиот главен град Сана, пренесува Ројтерс повикувајќи се на сведоци.
Воен портпарол на Хутите во Јемен тврди дека на 29 март, саудиската војска соборила три ракети за време на обидот за напад врз главниот град Ријад и пристанишниот град Јазан, близу границата со Јемен, објави „Ал Арабија“.
Нападите, наводно, биле извршени како одмазда за воздушните напади од саудиската воена коалиција врз позициите на Хутите во главниот град на Јемен, Сана, и во области близу јужната саудиска граница.
Минатата недела, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на глобален прекин на огнот поради тековната пандемија на Ковид-19. Повикот на генералниот секретар беше поздравен од сите засеганти страни во конфликтот во Јемен.
Рајех Бади, портпарол на јеменската влада, реагираше на изјавата на Гутереш, велејќи дека ОН мора да извршат притисок Хутите да почитуваат каков било прекин на огнот и дека владините сили дејствуваат строго во самоодбрана.
Еден ден подоцна, Хизам ал Асад, припадник на Хутите, рече дека бунтовниците би поздравиле каков било прекин на огнот ако тоа доведе до олеснување на блокадата поставена на територијата под нивна контрола.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, составена претежно со арапски држави, спроведува воени операции за поддршка на јеменскиот претседател Абдрабхух Мансур Хади против милитантите на Хутите од 2015 година.