Стопанска банка со понуда за одложување на отплатите до шест месеци

Шест месеци одложено плаќање за сите обврски доспеани од 29 февруари годинава по основ на сите кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување заклучно со 30 септември годинава  е понудата од Стопанска банка АД Скопје за физичките лица. За корпоративните клиенти, погодени од кризата, Банката соопшти дека воведува олеснувања во сервисирањето на обврските кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно.

Можностите за правните лица вклучуваат соодветно прилагодување или одложување на отплатата на кредитите, можности за рефинансирање, како и понуда на кредитна поддршка за ликвидносни потреби.

-Во услови на пандемија од невидени размери, како системска банка, Стопанска банка АД – Скопје им пристапува на своите клиенти правни и физички лица, а со тоа и на севкупната економија, со понуда која помага да се надминат финансиските ефекти од корона-кризата.Понудата е валидна за физички лица кои одржуваат постојани деловни односи со Банката, објави Стопанска банка АД Скопје.

Ги повикуваат сите клиенти детално да ја проучат понудата објавена на нивната веб страница и да постапат согласно дадените насоки. Клиентите кои ја прифаќаат понудата не треба се обратат до Банката, а доколку клиентите не сакаат да ја прифатат понудата потребно е да се обратат до Банката најдоцна до 10.04.2020 година до 23:59 часот преку covid19@stb.com.mk

Oвие мерки, потенцираат од Стопанска банка АД Скопје, се од големо значење и се однесуваат на клиентите кои најсилно ги чувствуваат ефектите од кризата. Оттука, Банката апелира клиентите кои ќе продолжат да бидат во можност да ги отплаќаат своите месечни обврски, така и да постапат. Со тоа всушност помагаат, економските мерки од сите банки и од државата да имаат ефект за погодените субјекти, и дотолку повеќе, помагаат за побрзо опоравување на економијата по кризата, стои во соопштението.

Понудата од Стопанска банка, како и од претходните што ги објавија неколку комерцијални банки,  уследи откако Владата во координација со Народната банка ја донесе Уредбата за олеснување на договорните услови на кредите од банките и штедилниците, со која банките на лесен и едноставен начин можат да ги одложат кредитите без потпишување анекси и одење на шалтер.

Банките на правните лица ќе им понудат поповолни услови како пролонгирање отплата, репрограм, грејс период, поповолна камата и слично, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на кредитите од три до шест месеци.

Треба да знаете
Последни објави