Српскиот претседател Александар Вучиќ во своето вечерашно обраќање пред јавноста, меѓу другото се осврна и на бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски преку Србија.
Тој истакна дека „некому би му биле сигурно најдобри на светот доколку кажевме дека сме виновни што не го уапсивме поранешниот македонски премиер, а веројатно требаше да го уапсиме без потерница, која е издадена 48 часови откако ја напуштил земјата”.
Вучиќ нагласи дека Србија ги почитува правните норми и затоа „на многумина сме им виновни”.
Српскиот претседател даде коментар и за интервјуто на косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај за „Вечерњи лист” во врска со создавањето пакт меѓу Хрватска, Македонија и Црна Гора против Србија.
Тој посочи дека Хоџај демантирал оти станува збор за „пакт”, но според Вучиќ, косовскиот вицепремиер суштината не ја оспорил.
– Ние нема да правиме никакви пактови, ниту ќе рушиме нечии. Ние ќе соработуваме со сите. И со Скопје и со Подгорица и со Загреб и со Приштина и со сите, доколку сакаат да имаме нормални односи и соработка. Но никогаш и на никого нема да му дозволиме на ја понижува нашата земја, изјави Вучиќ.
Според него, Србија, без разлика на се, ќе се труди со сите да гради добри односи во иднина и да ги надминува проблемите.
– Тоа што се разликуваме во минатото е јасно, но верувам дека во иднина тоа можеме да го надминеме. Посебно во односите со Хрватска, која беше единствената земја против отворање на натамошните две поглавја во пристапните преговори на Србија, објасни Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека не гледа причина за судири во иднина ниту со Скопје, ниту со Загреб, Подгорица или Приштина.