Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ никако да прекинат со обидите за политичко профитерство во време на здравствена и економска криза. Случајот со опремата од Словенија, во заштитни маски и ракавици, е срамен случај затоа што донацијата беше преставена во јавноста како партиска заслуга на ВМРО ДПМНЕ. Зарем ова е ситуација во која донациите треба да се квалификуваат како партиски? Ако е така, тогаш сите партии може да почнат да објавуваат чија донација по чија заслуга е, и ќе испадне како да сме во изборна кампања, а не во вонредна состојба. Што ќе се случеше ако СДСМ секоја донација за државата ја преставуваше како своја, партиска заслуга, пишува „Бриф.мк“.
Но, за ваквите последици во ВМРО ДПМНЕ не размислуваат. Ним им беше важно да си направат политички маркетинг како обезбедиле донација за македонските граѓани и тоа да го престават исклучиво како нивна заслуга. Од тоа што ВМРО ДПМНЕ се фокусираше на донацијата од Словенија заборави дека други десетици, далеку поголеми донации стигнаа од други држави, од домашни компании и поединци, но за овие донации Мицкоски не почувствува потреба да се заблагодари, оти за тие донации не завртел телефон како кај Јанша, па најверојатно ги смета дека тоа се донации на СДСМ, што е исто така погрешно.
Но, што е вистината за донацијата? Вчера, прво Министерството за одбрана на Словенија официјално извести дека помошта за Северна Македонија доаѓа како донација преку механизмите на ЕУ и НАТО, од солидарни причини кон сите членки на Алијансата. Соочени со овој факт, Мицкоски побрза да го натера Јанша да напише твит дека Мицкоски му се јавил. И што ако му се јавил? Зарем тоа е повик за политички маркетинг или за доброто на граѓаните? ВМРО ДПМНЕ го престави како политичка реклама. И додека Чулев брзаше на аеродром да ја прими донацијата заборави дека после тоа ќе мора да оди во самоизолација. Препораките за заштита предвидуваат дека во самоизолација одат сите кои ќе имаат контакт со странско лице, а Чулев го направи токму тоа- имаше контакт, ама не и самоизолација.
Никој не спори дека Мицкоски му се јавил на Јанша. Па тој сигурно секој ден му се јавува. Да не заборавиме дека црните пари за финансирање медиуми од фондовите на Орбан во Будимпешта одеа прво во Љубљана, кај медиумите на Јанша, па потоа се слеваа кај медиумите на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Што значи последните години и тоа како имаат комуникација Мицкоски и Јанша. И двајцата имаат медиуми кои се под истрага за незаконско финансирање со црни пари од Будимпешта. Дополнително, и двајцата се во контакт со Орбан. Мицкоски ден пред да ги објави кандидатските листи беше токму кај Орбан и најверојатно кај Груевски.
Друго е важно, а не тоа дека Мицкоски му се јавил на Јанша. Важно е дека ВМРО ДПМНЕ ја користи секоја прилика во кризата за себепромоција, како во изборна кампања, но и тоа дека нивниот министер не почитува препораки. Имено, Чулев, да беше загрижен за јавното здравје, самиот, после примањето на донацијата, ќе се упатеше во самоизолација. И уште нешто, ВМРО ДПМНЕ не кажа ниту збор за другите донатори што помогнаа со далеку поголеми суми, и со тоа практично покажа дека и донациите сака да ги дели по партиска основа, што е далеку од здрав разум.
Иако секоја помош во вонредна и неизвесна состојба е добредојдена и ја заслужува благодарноста и од државата и граѓаните, недозволиво е таа да се партизира за да се соберат ситни поени на маката со која сите сме соочени.
Но, за ВМРО ДПМНЕ ситнопартискиот интерес е поважен од се, и од здравјето на граѓаните и од напорите на институциите да се справат со последиците од пандемијата.
Да не е ситуацијата толку сериозна, овие постапки би ги сметале за смешни и незрели. Но ако се има предвид дека досега од Мицкоски видовме само ширење лажни вести и дезинформации поврзани со актуелната состојба за да се шири паника меѓу граѓаните, ако гледаме јасни докази дека самиот тој се противел на враќањето на нашите државјани од странство, ако се потсетиме дека бараше мерки за веднаш потоа истите мерки да ги критикува, можеме да заклучиме дека лидерот на опозицијата нема капацитет за државничко и одговорно однесување, туку и во време на криза продолжува да е тоа што беше и досега- ситен профитер и одработувач на неговиот шеф од Будимпешта.