На Клиниката за инфективни болести покрај тоа што има кревети во самата зграда веќе во функција ќе се стави и мобилната болница која што е целосно инсталирана, недостасува само сувата врска со Клиниката. Греење и ладење, сето тоа е поставено од страна на Армијата.
Ова денеска го истакна министерот за здравство, Венко Филипче додавајќи дека пристапот на лечење останува ист и покрај зголемениот број на заразени.
-Тоа се заклучи на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести – пациентите кои што имаат лесна форма на болеста да се третираат во домашни услови, а средно тешките и тешките на Клиниката за инфективни болести. Од вчера во функција ставена е и болницата „8 Септември“. Таа досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а беше потребна друга здравствена услуга како хируршка инвестиција. Тоа останува така, но доколку треба ќе се користат креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман, рече Филипче.
Според него, во оваа болница има 110 кревети кои се на располагање на пациентите заразени со коронавирусот.
Заедно со капацитетите од Инфективната клиника и мобилната болница, вкупниот број на легла е околу 400.
-Целосно е подготвена болницата во Битола. Таму има и анестезиолозија и инфектолози и медицински сестри. Еден целосно физички одделен дел да биде и регионален центар за пациентите кои што доаѓаат од тој дел на земјата. Има и респираторни машини. Во овој момент вкупната бројка на кревети е 35 со можност да порасне од 100 во зависност од бројот на пациенти, рече Филипче.