Професорот и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески денес гостуваше во емисија „Детектор“, каде што упати жестоки критики кон Владата за мерките за помош на претпријатијата кои што се погодени од економската криза како резултат на корона вирусот.
Славески потенцираше дека мерките се недоволни, задоцнети и изоставуваат голем број на претпријатија во државата. Оние претпријатија на кои што денес државата нема да им помогне, по завршувањето на кризата ќе ги видиме затворени, а тоа ќе значи дека илјадници македонски граѓани ќе останат без работа.
„Мислам дека мерките се прво задоцнети, во неколку наврати ние укажавме на тоа дека се недоречени, необјаснети затоа што граѓаните и фирмите не можеа да се најдат себе си во очекуваната помош. А, во економијата, психологијата, особено социјалната е многу битна, односно очекувањата“, појасни Славески.
„Ние ги имаме првите знаци на опаѓање на економската активност во одделни сектори дури од крајот на февруари, не март. Да не зборуваме за состојбата по 13 март кога со одлука на Влада заради заштита на здравјето на граѓаните и стопирање на ширењето на заразата со новиот коронавирус се затворени цели дејности, угостителството, туризмот, транспорт. Значи месец март не може да се пропушти без никаква поддршка“, нагласи Славески.
Славески додаде дека она што партијата ВМРО-ДПМНЕ го промовираше во јавноста е дека помошта во висина од минималната плата е недоволна, требаше да се оди со поддршка во висина од 50 проценти од минималната бруто плата што се сведува на 70 до 80 проценти од нето платата.