Нашето зачленување во НАТО е еден од трите најважни моменти во поновата историја, од нашата независност до денес. НАТО е предуслов за развој. Ако имате гарантирани граници, безбедност и територијален интегритет, во секоја друга област можете да напредувате бидејќи ги имате сите други предуслови. Во услови на пандемија НАТО прави се оваа здравствена криза да не прерасне во безбедносна и ги следи сите препораки на Светската здравстевна организација (СЗО).
Ова го порача претседателот на државата Стево Пендаровски во претходно снимено видео обраќање емитувано на вчерашната онлајн дискусија на тема „Глобалните закани, ризици, предизвици, можности и членството во НАТО” организирана од Факултетот за безбедност од Скопје и Американскиот центар за образование по повод 4 Април – Денот на НАТО и македонското полноправно зачленување во Алијансата,
Зборувајќи за тоа како НАТО одговара на пандемијата со Ковид-19, шефот на државата потсети дека пред неколку дена првпат во историјата на Алијансата се одржа видео безбедносна конференција и оти за овој месец е закажан вонреден состанок на министрите за одбрана на земјите членки, а главниот фокус ќе биде справувањето со коронавирусот и адаптирањето и заедничките напори на одредени држави.
– Според последните заклучоци на министерскиот совет, НАТО дава поддршка во три насоки на своите земји членки и тоа комплетна логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, за што се вклучени најголемите карго авиони Ц-17. Во делот на логистиката обезбедува медицински персонал од една во друга земја членка. НАТО учествува со своите иновативни технологии во 3Д принтањето. Од пред неколку дена преку 3Д принтери започна производство на заштитни медицински маски кои имаат посебен систем за вентилација за Италија, посочи Пендаровски.
Тој потсети дека НАТО во изминатите години и пред да се случи пандемијата обучила над 500 лица вработени во институциите кои сега се на располагање и работат, посочувајќи дека ЦУК е една од институциите кои имаат директен бенефит. Пендаровски смета и дека Северна Македонија добива исклучителна информатичка поддршка од НАТО во делот на, како што рече, пробивање на вистината до крајните корисници и со тоа ги побива лажните вести кои имаат за цел да ја поткопаат довербата на нашите граѓани во институциите и во системот.
Според премиерот Оливер Спасовски, придобивките од членството во НАТО се покажаа како ефикасни во справувањето со коронавирусот, бидејќи е активиран НАТО механизмот за цивилна заштита и се активираше системот за цивилна заштита на ЕУ. Првата помош на државата, нагласува тој, пристигна од ЕУ и НАТО и тоа покажува колку е важно тоа стратешко партнерство.
Членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, според Спасовски, се особено важни за нас како мала држава, бидејќи стекнуваме можност за влијание и еднакво право при носење на одлуките, а значајно е и за економскиот раст бидејќи за државата обезбедува долгорочен мир и стабилност.
Нагласи дека се посветува големо внимание оваа хуманитарна катастрофа да не премине во безбедносен ризи, но и дека системот покажа дека функционира нормално и во услови на ваква криза.
– Пред нас се тешки денови, кои ќе бидат и уште потешки. Правиме се што можеме да ги спасиме здравјето и животот на граѓаните. Помагаме и во делот на економијата. Клучна улога во справуавње со оваа криза има здравствениот систем што заслужува целосно внимание и поддршка, бидејќи се наоѓа на првата линија и сакам да оддадам признание за сите нив, изјави Спасовски.
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој вчера престојуваше во посета на земјава упати честитки што земјата минатата недела доби согласност за започнување на преговорите со ЕУ и што станавте 30-та членка на НАТО.
-Ние во Европскиот совет ќе се обидеме да издејствуваме најдоцна до мај да ја затвориме рамката за преговорите и најдоцна во јуни да започнеме со самите преговори. Ние многу добро знаеме колку е важно на Западниот Балкан да владее мир и меѓусебна соработка и овие работи не приближуваат кон тоа, изјави Сијарто кој донесе и донација за здравствените служби во земјава, со цел подобро справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Се осврна и на прашањето со мигрантите, за кое рече, не смееме да заборавиме ни во услови на предизвиците од кризата со коронавирусот дека е друг огромен предизвик. Преку 1.300 унгарски полицајци досега служеле на македонско-грчката граница, а Македонија, како што посочи, може и понатаму да смета за помошта на унгарските полицајци.
Во однос на солидарноста меѓу земјите членки на ЕУ за справување со корона кризата, Сијарто вели дека по совладувањето на вирусот ќе мора да се извлечат поуки за тоа како тоа функционираше и дали не функционираше солидарноста на ЕУ.
–Се разбира, ние ги поддржуваме сите настојувања на ЕУ на државите од Западен Балкан да им пружиме што поефикасна помош. Ние го поддржуваме и тоа ЕУ на Северна Македонија да и пружи што поголема помош. Она што е факт е дека секоја европска држава, скоро и секоја држава во светот на различен начин се бори бидејќи имаат различни здравствени системи и користат различни средства за борба против коронавирусот, оцени Сијарто.
Димитров од своја страна се заблагодари на посетата на Сијарто која се реализира под вонредни услови во време на глобална пандемија на КОВИД-19 и, која, рече, е потврда на сериозната посветеност на двете држави преку солидарност и соработка заедно да го надминат овој заеднички предизвик
– Сакам исто така да му се заблагодарам на Петер и за поддршката во однос на нашите тридецениски аспирации да се зачлениме во НАТО и за поддршката за конечно добивање политичка одлука од страна на ЕУ да ги почнеме пристапните преговори. Сакам да му се заблагодарам за сето ова, за тоа што е тука лично во период полн со предизвици и вонредни околности, мислам дека оваа посета зборува многу повеќе од зборови во смисла на пријателството и посветеноста, заклучи Димитров.
Посочи и дека тесната координација и соработка на регионално ниво и со ЕУ ќе бидат важни фактори за соочување со коронавирусот. Во тој контекст, Димитров изјави дека земјава побарала помош и поддршка за справувањето со ширењето на коронавирусот од повеќе земји, за што разговарал и со свои колеги, како и преку механизмите на НАТО и ЕУ. На некои од барањата, рече, веќе е позитивно одговорено, а на некои се чека одговор.