Независниот синдикат на полицијата бара поголема заштита на полицајците кои се на терен

Регулирање на превозот во СВР Охрид и Регионалниот центар Запад за полициските службеници и евидентирање на работните часови на инспекторите во МВР кои се ангажиирани на пунктовите во Куманово, побара денеска на прес-конференција претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Делчев.

Според неговите информации кои, како што рече, што секојдневно му пристигнуваат од терен, многу од секторите за внатрешни работи не се соодветно опремени со потребна опрема – заштитни ракавици и маски. Тој побара опремата која пристигна вчера како донација да биде соодветно распоредена.

-Имаме полициски службеници кои мака мачат на терен, имаат сериозен проблем и треба да заминат од работното место дома, мора да биде нивната безбедност на многу повисоко ниво бидејќи голем е бројот на полициски службеници што во моментов се заразени од актуелниот вирус, истакна Делчев.

Тој апелираше до МВР,  МЗШВ и Министерството за правда каде што има ангажирано затворска полиција, шумска полиција и сите полициски службеници кои се ангажирани за оваа ситуација,  да бидат наградени како по примерот во Албанија каде полицискиот службеник зема илјада евра паушал или Косово каде зема 300 евра паушал во однос на она што го имаат како проблем вработените во полицијата.

-Мора да се направи соодветен список секој што бил навистина ангажиран или каков било основ, нека се вклучи Независниот синдикат, ќе учествуваме во една правилна распределба на таквите средства.  Сакам јавно да апелирам до сите политички субјекти, до сите оние кои учествуваат во власта особено до министерот за внатрешни работи да ги фатиме работите посериозно организациски. Сето она што треба да се направи во рамките на МВР да се консултираат и синдикатите затоа што самите началници, самите работници, самите раководни органи во моментов нема да можат да се справат понатака со оваа ситуација за која што можам да кажам и да потврдам дека имаме потреби за кои не смееме да ги гледаме и да не ги решаваме, нагласи Делчев.

Според претседателот на НСП, голем е бројот на полицајци заразени од коронавирусот и одредени организациски единици кои се целосно изолирани и се практично на домашна изолација.

Треба да знаете
Последни објави