Според дополнителната информација од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) 45-годишен пациент од Скопје, тестиран и потврден позитивен на Ковид-19 преку Ветеринарен факултет, починал на пат кон болницата „8- ми Септември”, соопшти владината прес-служба.
Претходно од Министерството за здравство информираа дека на Инфективната клиника починаа четворица пациенти заболени од коронавирус: 52-годишен од Куманово, 65-годишна пациентка од Лабуништа-Струга, жена на 62 години од тетовско Челопек и една 81-годишна од Штип. Во Куманово дома починал и уште еден пациент потврден на вирусот, на возраст од 53 години.
Во изминатите 24 часа, регистрирани се 29 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови: во Скопје 15, седум во Куманово, еден во Прилеп и по тројца во Струга и Кочани.
Со нив, вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава достигна 599 лица.
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во: Скопје – 254; Куманово – 128; Дебар – 49; Штип – 20; Прилеп – 34; Тетово – 29; Струга – 28; Велес – 10; Битола – 6; Охрид – 3; Кавадарци – 2; Гостивар – 4; Гевглелија – 4; Струмица – 2; Крива Паланка – 3; Радовиш – 4; Крушево – 2 и Кочани – 17.
Во изминатото деноноќие се направени 386 теста.