Преговарачот во речиси тридеценискиот спор за името меѓу Северна Македонија и Грција, кој конечно беше надминат со Преспанскиот договор, Метју Нимиц во еден момент на двете страни им посочил дека целиот овој спор за името му наликува на спор за англискиот јазик, но потоа бил критикуван за тој коментар. Во текот на преговорите на двете страни им го посочувал примерот со Грузија/Џорџија (Georgia), едната држава во Европа, другата во САД, на англиски се изговара исто и се користи истата придавка, но грчкиот преговарач му забележал дека станува збор за држави на различни континенти и за „држави кои не се бореле една со друга во Балканските војни”.
Како нешто најчудно и нелогично го гледаа спорот за името Македонија сите оние кои од страна го набљудуваа или од време на време се информираа за процесот, но Нимиц нагласува дека оние кои биле директно влучени во процесот можеле да разберат дека станува збор за прашање кое задира во сржта на идентитетот и националното чувство на безбедност на засегнатите.
Поранешниот специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, за кого светските медиуми објавија дека е човек, кој целата своја кариера ја посветил на еден збор, во деталната анализа за Nationalities Papers, академското списание кое го објавува Кембриџ Јуниверзити за Асоцијацијата за студии на националностите, дава детален преглед на спорот и неговото конечно решавање.
Нимиц, кој повеќе од 20 години се обидуваше да ги приближи двете страни да го решат спорот, е роден на 17 јуни 1939 година, точно на денот кога во Нивици на Преспанското Езеро беше потпишан Преспанскиот договор, со кој се стави крај на несогласувањата меѓу Атина и Скопје.
Нимиц во својата детална анализа говори за историскиот контекст на спорот, процесот на преговарање, временското прашање, поставувањето нова рамка за решавање на прашање, како и за обидите да се разбие принципот на аверзија на загубеното и тој да се замени со она што може се добие ако се најде решение.
Потсетува дека првиот предлог што го дал во текот на долгогодишните преговори бил Република Македонија (Скопје), но тогаш предлогот беше одбиен од македонската страна, а кај Атина имаше волја да го земе предвид.
-Откако спорот беше решен со Преспанскиот договор во јуни 2018 година, повеќето набљудувачи од страна се прашуваа зошто беше потребно толку многу време. Сепак ова беше прашање кое одеше директно во срцето на идентитетот и националното чувство на безбедност, вели Нимиц.
Нагласува дека во овој за многумина необичен случај, менувањето на името на новата независна држава, вклучувал длабоки проблеми поврзани со идентитетот на две посебни страни и нивното различно сфаќање за историјата, културата и идната на регионот.
-Решавањето на спорот за името меѓу Грција и нејзиниот северен сосед креираше важна нова можност за поконструктивни односи и побезбеден Балкан. Договорот од Преспа, потпишан на брегот на Преспанското Езеро, кое ги дели двете држави е решение за спорот и основа на нов почеток, вели Нимиц.
Нагласуваќи дека Договорот беше поздравен од светските метрополи како голем чекор за регионот, истакна дека важно е да се препознае дека Преспанскиот договор немал широка поддршка и во двете земји и, како што напиша „едвај ги добиел потребните парламентарни гласови и гласовите на граѓаните и во Грција и во нејзиниот северен сосед”.
Нимиц нагласува дека македонското прашање преставува стратешка мултидимензионална контроверза, која била на агендата на Европа од 19 век.
-Иако генералната перцепција е дека проблемот во голема мера е решен со Преспанскиот договор, нема гаранција дека контроверзата со името нема повторно да се појави во регионот и да предизвика нови проблеми во иднина, забележува Нимиц, кој во својата анализа ги посочува различните агли на пристапување на спорот кај двете страни.
Малку историски контекст на спорот
Медијаторот Метју Нимиц на почетокот посочува две важни историски поенти – прво, Македонија никогаш не била самостојна држава, барем не по смртта на Филип во 336 година п.н.е. и најдобро се објаснува како историски конструкт чии граници се нејасно дефинирани во рамки на турската империја и второ – луѓето кои го населуваат регионот на Македонија се мeнувале низ годините и се повеќе микс од разни етникуми – Грци, Бугари, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Евреи и други.
Според Нимиц географски „Македонското прашање” по падот на Османлиите е решено со Балканските војни. Во 1991 година поранешниот „македонски” дел – од 1946 година консолидиран како Народна (потоа Социјалистичка) Република Македонија, прогласи независност.
-Луѓето на оваа поранешна југословенска република зборуваат македонски јазик, се викаат Македонци и на референдум донесоа Устав со кој нивната држава се вика Република Македонија. Следниот чекор за оваа нова балканска држава беше признавање во ОН како една од земјите наследнички на Југославија и меѓународно признавање, пишува Нимиц.
Додека во Република Македонија се славеше независноста, од Грција на новиот северен сосед се гледа со недоверба и како на долгорочна потенцијална безбедносна закана.
-Нова и нестабилна држава на својата северна граница ја загрижува Грција поради можните аспирации за обединување на историска Македонија, не веднаш, но во иднина и не сама, туку со помош на помоќни пријатели кои се непријатели на Грција. Одговорот од Грција на ова е во Советот за безбедност на ОН каде ги убедува дека постои закана за безбедноста на Грција и целиот регион, првенствено поради името на новата држава. По голема дипломатска победа на Грција Советот за безбедност го прифаќа ставот и носи резолуција во 1993 година со која ја прифаќа новата држава под привременото име „поранешна југословенска Република Македонија”, пишува Нимиц.
Во време на масовни националистички протести во Солун и ембарго од Грција, како и тензичната атмосфера во цела поранешна Југославија и ембарго од ОН за Србија и Црна Гора, младата независна македонска држава, според Нимиц, за среќа е водена од искусен и почитуван лидер – Киро Глигоров – кој успева без насилство да извојува независност за својата држава и народ.
Привремената спогодба од септември 1995 година ги нормализира односите. Грција го трга економското ембарго, а Сонцето од Вергина се трга од знамето на државата, а спорот со името се префрла пред Советот за безбедност на ОН.
На крај Нимиц изразува и изненадување што привремената спогодба речиси 24 години сосема добро функционира како основа за односите меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, посочувајќи дека нејзино потпишување било тешко договорено и постигнато по целонеделни преговори во Њујорк, каде ниту една од страните не сакала да се сретне со другата.
Процесот на преговарање
Како позитивен аспект од процесот на преговарање, Нимиц, го издвојува фактот што двете страни целосно го прифатиле и почитувале напорот на ОН, именувале високи дипломати за преговарачи и учествувале на редовни состаноци, неформални средби и формални директни средби и разговори.
– Сите пишани предлози дадени од време на време од медијаторот беа сериозно земани, разгледувани и иако не беа прифатени како целина, претставува добра основа за идна дискусија, а на крај, и сама рамка на финалниот договор, вели Нимиц.
Според Нимиц во текот на 24-годишните преговори имало периоди кога немало сериозни преговори, како што е воениот конфликт во 2001 година, грчката финансиска криза во 2010 година или во периодот на изборите.
– Спорот немаше непријателско однесување и односите меѓу Грците и нивните северни соседи беа сосема добри на лична основа. Македонците продолжија да патуваат во голем број на одмор во Грција. Грците одеа на север да пазаруваат и скијаат. Грчките бизнисмени и банки се меѓу најголемите странски инвеститори во новата држава. Луѓето од двете страни посакуваа отворање на границите и попријателски односи. Сепак, кога луѓето од двете земји ќе се сретнеа на индивидуално ниво избегнуваа да зборуваат за „Македонија”. Националистичките ставови беа силни меѓу обичните луѓе од двете страни, оценува Нимиц.
Позитивно во процесот, според Нимиц е конструктивноста на останатите страни во спорот, каде меѓународната заедница сакала решение и дипломати од САД, Германија и ЕУ, но и од Велика Британија, Австрија, Словенија и нордиските земји се вклучувале на позитивен начин од време на време, без да зафаќаат страна. Како особено важни ги посочува и заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан и промоцијата на членството на земјата во ЕУ во финалните години пред договорот, како и конструктивниот став на албанските партии за решавање на спорот.
Прашањето на време – кој добива и кој губи
Прашањето „На чија страна е времето?”, како што вели медијаторот Нимиц, често го раговарал со двете страни во речиси 25 годишниот мандат и понекогаш изгледало како тој лично да притиска повеќе за изнаоѓање на решение од самите страни инволвирани во спорот – нешто што не било добар знак.
По потпишувањето на привремената спогодба во 1995 година стратегијата на Скопје, според Нимиц, била да ги зајакне своите политички и економски институции, да се справи со внатреетничките тензии и да добие широко меѓународно признавање на уставното име.
– Амбасадорот Иван Тошевски во приватен разговор ми ја кажа стратегијата на Скопје: „Се повеќе држави го прифаќаат нашето уставно име „Република Македонија” за билатерална употреба, никој не го зема сериозно „поранешна југословенска Република Македонија”, познати медиуми не адресираат со „Македонија” и грчкото јавно мислење на спорот како да станува поумерено”. Според него, времето сигурно беше на страната на Скопје, пишува Нимиц.
Грчката страна, според медијаторот, исто така немаше потреба од брзање, бидејќи секое компромисно решение би било непопуларно.
– Како што ми објасни нивниот преговарач амбасадорот Адамантиос Василакис – ниту една грчка влада нема да потпише договор што нема да биде поддржан од главната опозициска партија или во спротивно ќе ги загуби следните избори –што се покажа дека бил во право. Договор прифатлив за Грција мора да предвидува промена на името на северниот сосед за домашана и меѓународна употреба и други гаранции за иридентизмот, пишува Нимиц.
Според грчкиот преговарач, Грција можела да чека бидејќи била во подобра позиција – членка на НАТО и ЕУ, со вето во двете организации и времето јасно било на нејзина страна.
– Реалноста беше поинаква, особено од мој агол. Поради дведецениското одложување Скопје загуби можност за членство во ЕУ заедно или веднаш по Хрватска. Изгледа е јасно дека Скопје ќе мора да направи отстапка за името. Затоа и сметав дека е подобро да премине преку тоа и да се стане „нормална” држава што е можно побрзо. За Грција, исто така, беше од корист што побрзо да се надмине овој непријатен спор. Грчките безбедносни приоритети се со Турција, а брзото надминување на проблемот со својот помал северен сосед може брзо да стане и поддржувач и пријател на Грција, пишува Нимиц.
Моите стравови и се остварија, вели медијаторот Нимиц, особено што ЕУ во 2020 година е значително поинакво место во однос на политиката на проширувањето и Западниот Балкан конкретно, за разлика од експанзивниот став во претходните дваесет години.
– Стратешката цел за членство во ЕУ на Република Северна Македонија сега е отворено прашање, па дури и со целосна поддршка од Грција по Договорот од Преспа, заклучува Нимиц.
Реафирмирање на прашањето: Принципот на аверзија од загуба
Стратегијата на преговорите, вели тој, беше да се разбие острата разлика во перцепциите за спорот, да се идентификуваат перцепциите кои водат до доминирање на принципот на аверзија на загуба кај двете страни и да се направи обид за преиспитување на прашањето.
-Ова преиспитување беше само делумно успешно и мора да се признае дека и во двете држави голем број од граѓаните на Договорот го гледаат низ призма на загубеното. Како и да е верувам дека значително се намали интензитетот на аверзијата кон загубата за време на преговорите, но беа потребни 20 години за реафирмирање, како и ефикасни и посветени политички лидери од двете страни, вели Нимиц и во тој контекст се осврнува и на заложбите на поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, но и на двајцата поранешни премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
Нимиц во својата анализа ги посочува различните перцепции на двете страни за спорот. Дава кус осврт за тоа како спорот бил перцепиран во нашата земја.
-Тие живееле во Социјалистичка Република Македонија, република во Југославија, од завршувањето на Втората светска војна и со независноста тие логично и легално го присвоија името Република Македонија. Како да го сменат името? Како народ тие се идентификуваат себе си како Македонци, како што тоа го правеле нивните родители, нивните баби и дедовци, претходните генерации. Тие имаат уникатен јазик на кој се гордеат и книжевна традиција, а јазикот е македонски, препознат насекаде во светот како нивни јазик. Се на се Македонизмот е во сржта на идентитетот. Како можат да се откажат од тоа? Како може некоја друга земја, наречена Грција и чии граѓани се Грци, да им кажуваат како да се нарекуваат себе си? Како што ми кажа едно младо момче: „Наутро станувам и кога се бричат, се гледам во огледало и си велам себе си „Јас сум Македонец. Што да кажам утре кога ќе ми го одземат идентитетот?”, пишува Нимиц.
Во текот на преговорите се обидувале да ги разбијат крајностите и кај едната и кај другата страна и да ги доведат Скопје и Атина до точка до која ќе можат да ја увидат взаемната корист од решавањето на спорот за името.
-Во Скопје велевме: Ајде да зборуваме за географија, не за идентитет. Во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН не се прави обид за промена на идентитетот на вашите луѓе. Така што опуштете се од стравот дека ќе би биде земен вашиот македонско идентитет. Но името на државата мора да биде одраз на географската реалност. Затоа да зборуваме за географија. Македонија е географски концепт, и тоа е една поголема област. Може ли да се согласиме за тоа? Овој голем регион со векови беше под отоманско владеење. И беше поделен во 1912-1913 за време на Балканските војни. Мора да признаете дека вашата тетирорија е дел од Македонскиот регион, и е само дел. Ајде да бидете точни во врска со ова: тоа е мал дел од околу 38 проценти. Така што може да се додаде одредница на вашето име, со цел попрецизно да се одрази географската реалност. Размислете за зачувување на вашето име Република Македонија, но додавате соодветена одредница, вели Нимиц.
Тој понатаму го објаснува пристапот, што го имале кон Атина. -На Атина исто така и велевме: да разговараме за географија, не за идентитетот. Никој не се обидува да ви го земе македонскиот идентитет, далеку од тоа . Сите знаеме дека Филип и Александар беа дел од хеленскиот свет и македонското наследство е хеленско. Целиот свет го знае тоа. Затоа, опуштете се и не се плашете се дека ќе ви биде одземен вашиот идентитет. И вашите луѓе кои живеат во северна Грција се нарекуваат себеси Македонци (грчки Македонези). Добро – тоа никогаш нема да се промени. Луѓето на вашиот северен сосед се нарекуваат себеси Македонци, тоа е нешто многу поразлично. Да разговараме за географијата. Сите се согласуваме дека Македонија е а географски концепт и дека Османлискиот македонски регион е поделен во 1912-1913 година. Грција досега го освои најголемиот дел, но треба да признаете дека беше само околу половина од таа територија, појаснува Нимиц во својата анализа.
Вели пресвртот во обидите да се реши спорот се случил кон крајот на 2000 година, кога Атина ја прифати идејата дека името што ја вклучува Македонија ќе биде прифатливо ако во себе содржи соодветна географска одредница.
Кога премиерот Зоран Заев во 2017 година, додава Нимиц, посочи дека вакво нешто може да биде прифатливо и за Скопје, со оглед на решавањето на сите други прашања, вклучително и заштита на идентитетот на македонскиот народ – почна да се надзира основата на договорот.
-Во мојот пакет предлози од 17 јануари 2018 година, кои ги иницираа последните и успешните рунди преговори, од двете страни беше побарано да земат предвид пет имиња – Северна Македонија, Горна Македонија, Македонија-Скопје, Вардарска Македонија (реката Вардар поминува низ земјата) и Нова Македонија, потсетува Нимиц,
Додава дека Атина најнегативно гледала на предлогот Македонија-Скопје, бидејќи стравувала дека со текот на времето тоа Скопје ќе исчезне, а Северна Македонија, пак најнеблагонаклоно гледала кон предлогот Нова Македонија. Тоа било од различни причини, а како што наведува Нимиц, делумно и поради тоа што идејата за „Нова” Македонија подразбирала „дека тие беа новодојденци во регионот и со тоа имаа помалку легитимна врска со него”.
Конечно Скопје се определи за Република Северна Македонија што доведе и до Преспанскиот договор, а со него се појавија и прашањта за обемот на употребата на името.
-Како посредник уште пред повеќе години инстистирав новото име да се користи во меѓународната комуникација, а за внатрешна употреба да си остане Република Македонија. Има повеќе такви случаи во светот, системи на двојно име Финска/Суоми, Ирска/Еире, Албанија/Шиприа, дури и Грција самата го користи името Грција за меѓународна употреба, а внатрешно го користи името Хелас. Системот со двојно име ќе имаше предност поради тоа што ќе биде прифатен од јавноста, вели Нимиц.
Грција пак бараше ерга омнес – едно име за секаде. -Јас постепено го прифатив тоа поради три причини: Грците не би продолжиле понатаму без ерга омнес, двете имиња може да доведат до расправии дали некоја комуникација е домашна или меѓународна и трето беа апсирациите на Скопје да стане дел од ЕУ, а во рамките на ЕУ ќе постои вистинска разлика на тоа што е домашно, а што заедничко во ЕУ, вели Нимиц, кој нагласи дека иако беше тешка отстапка, Скопје сепак прифати ерга омнес.
Тоа беше жртвата на македонската страна, која за возврат доби отворени врати за влез во НАТО и Европската унија. -Но уште поголема придобика е глобалното прифаќање на македонскиот идентитет и во тоа не треба никој да се сомнева, вклучувајќи го и јужниот сосед, нагласи Нимиц, потенцирајќи дека е заштитен македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Нимиц напоменува дека во текот на преговорите но и по донесувањето на Договорот на моменти имал чувство дека има граматичка улога, бидејќи сега решението за името требало да се примени во пракса, во именувањата, а особено прашањето во која форма да се користат придавките, со оглед на тоа што македонската страна изрично беше против придавката северномакедонски.
-Со Договорот од Преспа се стави клуч на македонскиот идентитет на граѓаните, а лидерите можеа самоуверено да го уверат својот народ дека е признат како македонски, дека тие ја постигнаа својата главна цел во преговорите, имено, признавањето на нивниот национален идентитет, посочува Нимиц.
Во анализата напоменува дека преговорите биле во рацете на двајца изворедни министрите за надворешни работи, поранешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас и шефот на дипломатијата на Северна Македонија Никола Димитров.
-Министерот за надворешни работи Никола Димитров добро го познаваше спорот за името, беше учесник во претходната фаза на преговорите. Сериозен, стабилен и незаменлива преговарач, тој имаше длабока љубов кон македонското наследство и традиција и беше одлучен да ја одведе својата земја во евроатлантските интеграции, вели Нимиц, но дава дека на крајот заслугата им припаднала на двајцата сега поранешни премиери, Заев и Ципрас.
– И двајцата премиери беа млади (имаа по 44 години на денот на потпишување на договорот) и претставуваа една нова генерација на Балканот…Успехот кој беше постигнат во двете земји, треба да се напомене дека беше возможен поради ефикасното политичко лидерство и мобилизацијата на поддршката. Според мислењето на многумина овие двајца млади балкански лидери поставија пример со долгорочна визија, за носење тешки одлуки под притисок и храбро лидерсто, што многу малку глобални лидери изгледа се способни да го сторат денес, вели Метју Нимиц.