Јавните претпријатија не се имуни на притисок за корупција. Затоа, политиката за спречување на корупција треба да биде обврска на претпријатијата и да претставува основа за градење на еден сеопфатен систем за спречување на корупцијата. Сепак повеќето јавни претпријатија не се информирани и не ја препознаваат вредноста и потребите од воспоставување политика за спречување корупција.
Истражувањето кое што го спроведе Институт за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека само една петтина од претпријатијата имаат воспоставено политика за спречување на корупција. Овој број пораснал во споредба со 2019 година кога само 7,7% од претпријатијата одговориле дека имаат воспоставено вакви механизми.
Дополнителен проблем е тоа што вработените во јавните претпријатија дури и да забележат корупција на работното место, не можат да ја пријават. Осум од 49 претпријатија имаат овластено лице за пријавување на корупција, а само кај две претпријатија овие лица работат во изолирана канцеларија од другите вработени.
Затоа, важно е вработените да имаат каде и кому да пријават корупција и тоа да го направат тајно, безбедно и навремено.
Според анализата, ова се случува поради неинформираност и поради непрепознавањето на ползата од воведувањето на системот за спречувањето на корупцијата. Добро разработен систем значи превенција од појавување на корупцијата, обесхрабрување на нејзиното ширење и заштита на лицата кои што ќе ја пријават. Целата анализа за процедуралните празнини кај јавните претпријатија може да ја прочитате на веб-страницата на ИДСЦС https://idscs.org.mk/mk/2020/04/07/анализа-на-внатрешни-процедури-и-проц/.
Овие истражувачки активности се дел од проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” (Improved good governance of state owned enterprises and independent state bodies) – финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.