Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС донесе заклучок да упати неколку барања до Владата. Овие барања, како што наведуваат, произлегуваат од проблемите што се создадени со отказите на многу работници.
– Сите работници кои добија откази, од било која причина во текот на кризата поради опасноста од собирање и правење метеж пред Агенцијата за вработување, бараме од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување да излезат во јавноста со план и да ги контактираат сите работници со цел да не се групираат и изложат на опасност од зараза. Владата да изнајде решение тие без доаѓање во Агенцијата за вработување да ги остварат своите права на надомест поради губење на работното место предизвикано од пандемијата со вирусот Ковид 19, се вели во соопштението од КСС.
Државата, како што посочуваа од КСС, во името на солидарноста да се откаже од режиските трошоци за струја и вода за работниците кои добија откази.
-Како најголем производител на струја и како сопственик на ресурсите со вода, бараме Владата да донесе уредба со што сите режиски трошоци на работниците кои добиле отказ да не се наплаќаат. Надоместок од 7.000 денари не е доволен за ниту едно семејство од Македонија да може да преживее, а од друга страна трошоците за режиски трошоци ќе им се соберат, така ќе настане проблем како тие ќе ги регулираат и понатаму, знаејќи дека голем дел од нив може да останат без работа и подолг временски период, стои во соопштението.
Од КСС повикуваат на солидарност и сметаат дека сега е време Владата да го покаже на дело значењето на тој збор.