Денес, врз основа на потпишаниот договор со Република Турција за донација на медицинска опрема и средства наменети за здравствениот сектор на Република Северна Македонија, на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна помошта која се состои од 50 000 заштитни медицински маски, 1000 заштитни скафандери и 1000 дијагностички тестови.
Донацијата беше предадена на министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик началникот на Генералштаб, Азим Нуредин, од страна на Амбасадорот Хасан Мехмет Секизќок.
МНР Димитров: „Во овие тешки времиња кога светот е соочен со исклучително тежок предизвик по јавното здравје и справување со последиците од пандемијата на COVID-19, подавањето рака меѓу земјите дава надеж дека заедно побрзо ќе бидат надминати.
Високо ја цениме и сме благодарни за несебичната поддршка со медицинска и заштитна опрема што денес ни пристигна од пријателска Турција.”