Македонско-австралиското 3-Block Studio направи анимиран филм за глобалниот карантин

Македонско – австралиското 3-Block Studio изработи краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата Quarantine . Огромен број од светската популација изминативе недели поради корона вирусот радикално го промени секојдневниот живот, а секоја индивидуа на свој начин се соочи со изолацијата.

Зад филмот стои петчлена екипа. Приказната е на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Љубомир Саздовски и Иван Андреевски, кој, исто така, е режисер и потписник на сценариото. Арт дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирањето и осветлувањето. Монтажата и анимацијата се на Наумов, а Андреевски стои зад саунд дизајнот. Музиката е на Владимир Петковиќ.

– Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната, вели Михаил Наумов.

https://youtu.be/pilnWAmfGgU?t=166

Од студио велат дека од креативна страна се обиделе да доловат како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна се обиделе да претстават традиционална техника на анимирање, како Stop Motion, (која се работи практично, со физички кукли и фотоапарти), преку дигиталните алатки и 3D анимацијата.

-Беа користени доста стандардни софтвери за ваков вид на работа. Главно Autodesk Maya и Adobe After Effects, како и неколку дополнителни софтвери, истакнуваат од студиото.

3-Block Studiо работи за aвстралискиот и балканскиот пазар и е најактивна во полето на 3D и 2D анимацијата, изработка на визуелни ефекти, како и осмислување и создавање анимирани ликови – карактер анимација.

Треба да знаете
Последни објави