Религиите за мир и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), ги здружија силите заради започнување на глобална мултирелигиска иницијатива против Ковид-19 „Верата во акција”, со цел да се подигне свеста околу ефектите од оваа пандемија врз најмладите граѓани на светот.
– Пандемијата на Ковид-19 претставува невиден глобален предизвик, засегајќи ја секоја заедница во секоја држава на светот. Таа предизвикува запирање на системите за работа, образование, финансии и домашен живот, погаѓајки го речиси секој аспект од животот на луѓето. Децата се соочени со низа предизвици за нивното здравје и безбедност: затворени училишта, голем емотивен стрес, повисок ризик од насилство и поголема несигурност за храна. Исто така, сведоци сме и на пораснатиот број сирачиња и појавата на други болести поради прекинот на услугите за вакцинација. А ја гледаме и растечката потреба од финансиско-материјална поддршка за домаќинствата кои се најтешко погодени од загубата на приходи и притисокот поради тоа, се истакнува во заедничката изјава на УНИЦЕФ и Религии за мир.
Иницијативата ќе ја координира Глобалното партнерство за вера и позитивни промени за децата, семејствата и заедниците, каде спаѓаат меѓурелигиските совети на Религиите за мир, вклучувајќи високи лидери на светските верски и духовни традиции – Бахаизам, Будизам, Христијанство, Хиндуизам, Ислам, Џаинизам, Еврејство, Сикизам, Зороастризам и духовната традиција на домородните народи. Тука влегуваат и меѓуверските младински и женски мрежи, во соработка со Иницијативата на локалните верски заедници за заедничко учење, со членство во меѓународни верски организации.
– Ова глобално партнерство се обврзува да ја зајакне мултирелигиската акција и мобилизација на заедниците во борбата против пандемијата на Ковид-19, потенцираат иницијаторите.
Глобалната мултирелигиска иницијатива против Ковид-19 „Верата во акција” ги повикува сите заедници во светот, заедно со владите, субјектите на ОН, како и низата граѓански организации, да ги здружат силите во насока на адаптација на верските собири, обреди и служби во согласност со Изјавата на Религиите за мир и упатството на СЗО за масовни верски собири, погреби и обреди, со цел почитување на насоките на меѓународните и националните здравствени власти во врска со јавните собири, физичкото дистанцирање заради здравјето и безбедноста на верските следбеници, развивајќи алтернативни пасторски пристапи.
Освен адаптирање на обредите, иницијаторите повикуваат на унапредување на хигиената и хигиенските услови во согласност со верските учења и свети текстови, кои ја потенцираат чистотата како елемент на светост.
УНИЦЕФ и Религиите за мир повикуваат во борба против сите форми на стигма и дискриминација во врска со пренесувањето на болеста, преку активна промоција на ставови и однесувања за поддршка на достоинството и правата на сите луѓе.
Иницијаторите апелираат да се обезбеди активно вклучување на мрежите на верските заедници, заедно со верските здруженија на жени и млади, во соработка со локалните структури на управување, заради обезбедување организирани волонтерски услуги при духовно-емоционалната грижа и поддршка за родителите, децата, постарите лица и оние кои минуваат низ нарушеност и страдање, со цел да се обезбеди извор на поддршка, мир, утеха и надеж, се вели во заедничката изјава на УНИЦЕФ и Религии за мир.