Издавачката куќа ,,ВиГ Зеница” ја објави најновата книга на Ристо Лазаров ,,Намерници”, а како што наведува во предговорот на книгата Димитар Пандев, овој пат поетиката на Лазаров добива свое прозно преточување во прозните записи кои се нов творечки предизвик на авторот, започнат уште од книгата ,,Врежанки”.
Книгата содржи триесет и шест записи за Скопје и неговите намерници (Орвел, Горки, Хичкок, Сартр, Гомбрович, Брижит Бардо…), а кон нив се приложени и два оригинални записи на Петер Хандке и Густав Крклец.
– „Намерници” е книга што го задоволува вкусот на македонскиот читател, зашто е преисполнета со светот и светски имиња, она што нашиот жеден книгољубец одвеќе и одамна го прижелкува. Но таа желба, Лазаров ја занадополнува со прагматични жедби за механицистички средби, по принципот токму овде и токму сега, што ја отвора перспективата на етнографијата на комуникацијата, која особено инсистира на учествувачите (според Лазаров): намерниците, на областа или темата на разговорот (која е беспрекорно скопска, барем според пивото, и малку од малку, еврејска, според семките). Се разбира, сѐ се тоа артефакти, кои на малкумина им се познати, зашто тој свет не е подалеку од светот на спомениците, кои ако не се цел (намера) на комуникологијата, тогаш секако се на медиологијата. А за многумина тие се подведени под ист фактор. Различна им е, имено, само антропоморфизацијата. Впрочем, во книгата на Лазаров, намерниците се медиуми! И таа предикација не е комуниколошка, туку естетска! И се случува во центарот на разговорноста, истакнува Пандев.