Основното jaвно обвинителство Штип поведе постапка и поднесе предлози за издавање казнени налози за две лица кои не ги почитувале здравствените прописи и го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Едно од обвинетите лице, 68-годишна штипјанка, со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат била должна да почитува мерка за самоизолација започнувајќи од 23 март. Но, на 2 април го напуштила престојувалиштето каде требало да биде во самоизолација и отишла да пазари во маркет.
Вториот обвинет, со возило се движел низ градот иако во сила бил полицискиот час, воведен со одлука на Владата на Република Северна Македонија за да се сузбие ширењето на опасната заразна болест предизвикана од коронавирусот.
Обвинителството со предлозите за издавање казнени налози побара од судот на двајцата обвинети да им изрече парични казни во износ од по 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност.
И велешкото обвинителство побара парични казни за седум лица. Обвинетите во одделни кривично правни настани го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик. Тие не ги почитувале мерките и одлуките за забрана на движење на населението, па за време на полицискиот час без дозвола, пеш или со возила се движеле низ градот.
За обвинетите, обвинителството со предлозите за издавање казнени налози побара од судот да им изрече парични казни во износ од по 40 дневни глоби, секоја од нив висина од по 20 евра во денарска противвредност.