Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, изјави дека во центарот за мигранти Крњача во Белград, војник испукал три истрели во воздух како предупредување кога поголема група мигранти се обиделе да избегаат, по што тие се повлекле, јави дописникот на МИА од Белград.
-Војската обезбедува центри во кои се сместени мигранти, кои практично се ставени во карантин и тие не смеат да ги напуштаат. Познато е во кои случаи, според законот, војниците користат оружје, кажа Вулин, на ТВ Пинк, осврнувајќи се на инцидентот кој се случи на почетокот од оваа недела.
Тој додаде дека „сè е направено во согласност со правилата на службата” и потсети дека во вонредна состојба српската армија ги обезбедува центрите за мигранти.
-Мигрантите не можат да излезат надвор од центрите, тоа понекогаш ги прави нервозни, но ние на прво место се грижиме за граѓаните на Србија. Нема излез, тоа е наредба, и сè додека не се промени, тие ќе бидат во мигрантските кампови каде што имаат сè што им е потребно, кажа Вулин.