Претседателот на Србија Александар Вучиќ нема да оди во самоизолација откако вчера соопшти дека неговиот син Данило се инфицирал од коронавирусот и е сместен на инфективната клиника во Белград. Јавноста во Србија прашува зошто Вучиќ не ја почитува уредбата дека сите кои биле во контакт со инфицирано лице мора да поминат 14 дена во самоизолација.
Од кабинетот на претседателот Вучиќ српските медиуми пренесуваат дека нема одговор дали тој бил во контак со неговиот син. Но, од претседателскиот кабинет најавуваат дека Вучиќ утре претпладне ќе оди во Ниш и ќе има средба со претставници од локалната самоуправа, Клиничкиот центар и другите здравствени институции од градот. Во соопштението се наведува дека Вучиќ при посетата на Ниш ќе предаде голем број маски, респиратори и друга медицинска опрема потреба за справување со коронавирусот.