– Претседателот на Косово Хашим Тачи, по повод намерата на вршителот на должноста претседател на Владата Албин Курти да формира тим за преговори со Србија, оцени дека тоа е само една „лична желба” на премиерот, кој со апсолутно мнозинство беше разрешен од страна на Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение од претседателската канцеларија за односи со јавност се вели дека, со изјавите дека ќе го води тимот за преговори со Белград, Курти „ја прекрши уставната хиерахија”, со тоа што не се консултира со претседателот на државата, кој ја води косовската надворешната политика.
– Разрешениот премиер е делегитимиран од гласовите на апсолутното мнозинство на народните претставници во Собранието на Косово и не може да си презема обврски во име на институциите на Република Косово, ниту пак во име на една влада во заминување. Следствено, листата на делегацијата (за преговори со Србија) останува само една негова лична желба и ништо повеќе од тоа, се вели во реакцијата од кабинетот на Тачи.
Реакцијата на Тачи уследи откако Курти вчера го информира новоименуваниот посредник на Европската унија за дијалогот Приштина – Белград, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак дека Уставот на Косово го обврзува него, како претседател на владата, да го формира и да го води преговарачкиот тим.
Во тој тим, како што наведе во преписката со Лајчак, косовскиот премиер во оставка планира да ги вклучи претседателот на државата Тачи и претседателката на собранието Вјоса Османи, како и претставници на косовските парламентарни политички партии.
Истата идеја Курти денеска ја повтори и при посетата на општина Призрен, прецизирајќи дека за преговорите со Србија ќе формира два тима – еден политички, кој ќе го води самиот и во кој, меѓу другите ќе членува и Тачи, и еден експертски, со стручни лица од повеќе области.