– Министерството за внатрешни работи со сите свои припадници е апсолутно подготвено да одговори на сите задачи за време на полицискиот час кој ни претстои викендов, истакна вечерва дополнителната минитерка во министерството за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
Таа во интервјуто на телевизијата 24 појасни дека 544 полицајци кои биле приправници ќе ги добијат во целост своите овластувања, заедно со колегите кои се вработени Министерството и имаат статус на приправници, токму заради зајакнувањето на капацитетите за време на карантинот.
-Засега успешно менаџираме со бројот на полициски службеници и генерално овластени лица во Министерството кои се на располагање, но она што треба да се има предвид, што и го предложивме на Владата и беше усвоено, тоа е оние 544 полицајци кои беа приправници, а сега веќе не се, да ги добијат во целост своите овластувања, заедно со колегите кои се вработени Министерството, токму за зајакнувањето на овие капацитети, рече Петровска.
Таа додаде дека мора внимателно да располага со сите полициски службеници кои се на располагање, да не ги оптоваруваат премногу, но сепак да бидат во доволен број на доволни мест, и на позиции за кои се неопходни и нужни за да може да ги извршуваат своите задачи.
-Уште од првиот момент кога беше прогласен карантинот, односно затворање на општините Дебар и Центар Жупа полицијата навистина во кус и рекорден период успеа да се активира и да се постави согласно она што нејзините задачи. Истото ќе биде и за време на викендот, така што Министерството за внатрешни работи со сите свои припадници е подготвено да одговори на она што се мерки и задачи дадени како препораки од здравтсвените власти а усвоени од Владата, додаде Петровска.
Како што појасни, треба да се има предвид дека оваа борба претставува борба со вирус, не претставува борба со физичка закана. а вирусот може секој од нас да го нападне, и полицајците за жал во овој случај не се имуни.
Прашана за ставот со поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи кој се закани дека доколку Владата не ги исполни неговите услови и барања за финансиска помош, ИВЗ ќе ги повика граѓаните и верниците да се вратат во џамиите и да не се почитуваат мерките, Петровска рече дека МВР интензивно ги следи информациите, а оваа изјава на поглаварот на Исламската верска заедница и кај граѓаните и кај институциите предизвика вознемиреност.
-Засега сме во комуникација со Јавното обвинителство, за кривична пријава ќе одлучиме заедно, но потенцирам дека повикување или изразување на револт на мерките кои Владата ги дава во интерес на граѓаните е несоодветно, особено што ова не е битка само на Владата или на општеството, ова е битка на целиот свет. Мислам дека секое непочитување на мерките е непочитување на самите нас, и на сите околу нас. Се надевам дека поглаварот, како поглавар на една верска заедница ќе го преиспита својот став, рече Петровска.
Како што нагласи, Министерството за внатрешни работи во соработка со другите органи и институции нема да се двоуми да постапи согласно своите надлежности, односно да го зашитити интересот на мнозинството граѓани во оваа држава кои до сега, со мали исклучоци, чесно и одговорно ги почитуваат мерките.