– Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.626.096 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 97.331, а оздравеле 366.499 луѓе.
Белград – Во Србија има 238 новозаразени од коронавирус, 2.107 се хоспитализирани, а на респиратор се 136. Уште петмина се починати, со што вкупниот број достигна 71.
Загреб – Во Хрватска во последните 24 часа регистрирани се 88 новозаболени од коронавирус и сега вкупниот број изнесува 1.495. Хоспитализирани се 343 лица, 34 пациенти се на респиратор, а 21 лице почина.
Берн – Швајцарија забележува зголемување на бројот на жртви од коронавирус, така што моментално има 805, соопшти Министерството за здравство на земјата. Вчера биле регистрирани 756 починати како последица на овој вирус. Исто така, бројот на заразени пациенти се зголеми на 24.308, додека претходниот ден беше 23.574, додаде Министерството.
Лондон – Британскиот лекар Абдул Мабуд Чаудури, кој јавно го предупреди премиерот Борис Џонсон за недостиг од заштитна опрема за медицинските работници, почина од вирусот Ковид-19.
Брисел – Во Белгија од коронавирус за еден ден починаа 325 лица, најмногу до сега, соопшти Министерството за здравство, наведувајќи дека вкупно има 3.019 починати. За последните 24 часа, регистрирани се 1.648 новозаразени, а просечниот број нови случаи дневно е од 1.000 до 1.700 заразени.
Амстердам – Бројот на заразени од коронавирус во Холандија денеска се зголеми за 1.335, така што вкупниот број изнесува 23.097. Починати се вкупно 2.511 лица, соопшти Националниот институт за јавно здравје.
Токио – Градските власти на Токио побараа поостри рестриктивни мерки и наредија затворање на голем број продавници и ресторани, додека од поранешната јапонска престолнина Кјото е упатен апел до туристите да не доаѓаат поради епидемијата.
Сиднеј – Министерот за култура на Нов Јужен Велс, Дон Харвин денеска поднесе оставка, откко беше откриено дека заминал во неговата викендичка покрај море и покрај забраната за патување, освен во случај на вонредна состојба.