– Од почетокот на забраната за движење на граѓаните во Грција, што стапи во сила на 23 март 2020 година, заклучно со вчера, грчката полиција регистрирала 31.592 прекршувања и исто толку лица биле казнети со 150 евра, со што се изречени казни во висина од 4.738.800 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се анализираат податоците, што грчката полиција ги објавува на дневна база, во изминатата седмица, се забележува тренд на зголемување на прекршувањата, што веројатно тоа се должи на подобрените временски услови.
Во понеделникот биле регистрирани 1.610 прекршувања, кои секојдневно се зголемуваат (1.839 во вторникот, 2.104 во средата, 2.286 во четвртокот), а во текот на вчерашниот ден била изречена 2.451 казна.
Средствата од казните ќе бидат искористени за поддршка на националниот здравствен систем.
Во Грција веќе трета седмица во сила се превентивните мерки за забрана на движењето на граѓаните, а освен за одење на работа, дозволени и оправдани се само шест причини за излегување од дома: посета на супермаркет; посета на аптека или лекар; посета на лица на кои им е потребна грижа; погреб, свадба или крштевка и физичка активност или прошетка на домашно милениче.
Движењето поради конкретните причини треба да биде проследено со соодветна потврда која може да биде преку пополнет формулар, рачно напишана или со смс порака.