Состојба со Ковид-19 во светот до 10 часот

Според најновите податоци, во светот има 1.929.633 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 119.785, а оздравеле 455.018 луѓе.

– Лекувањето на Ковид-19 ќе биде бесплатно во Турција и за оние кои не се здравствено осигурени. Тоа е овозможено со указ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објавен денеска во турскиот државен весник.

– Вкупниот број на потврдени случаи на зараза со новиот коронавирус во Индија достигна 10.363, соопшти индиското Министерство за здравство. Бројот на починати од Ковид-19 во Индија за 24 часа се зголемил за 31 на вкупно 339 лица. Националниот карантин во земјата е продолжен до 3 мај.

– Се очекува романскиот претседател Клаус Јоханис денеска да издаде указ за продолжување на вонредната состојба за уште 30 дена.

– Австралија и Нов Зеланд ја отфрлија идејата за олеснување на ограничувањата воведени со цел борба со Ковид-19, и покрај тоа што двете земји имаат јасно изразен пад во бројот на новозаразени.

– Во Мексико со новиот коронавирус се заразени повеќе од 5.000 лица, од кои 332 починале.

– Бројот на заразени со Ковид-19 во Канада изнесува 25.680.

– Во Австрија денеска ќе почнат со работа илјадници продавници, со што земјата ќе биде една од првите европски држави кои ги олеснуваат строгите ограничувања воведени поради епидемијата.

– Турскиот политичар и лидер на малата Партија Независна Турција, Хајдар Баш (73) починал од Ковид-19, јави турската телевизија НТВ.

– Полска ќе почне да ги олеснува ограничувањата во економијата од 19 април, соопшти денеска полскиот министер за здравство Лукаш Шумовски.

– Кинески научници тврдат дека една третина од заразените со коронавирусот имаат и невролошки проблеми.

– Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави дека никој нема да умре од коронавирус во земјата и уште еднаш ја отфрли потребата за строги мерки какви што донесоа повеќето земји за спречување на ширењето на пандемијата. – Најдовме комбинација на лекови која може да спаси луѓе. Во оваа земја, никој нема да умре од коронавирус и јас јавно го објавувам тоа, истакна Лукашенко. Министерството за здравство соопшти дека во земјата се пријавени 2.919 заразени и 29 смртни случаи, но Лукашенко вели дека сите смртни случаи се случиле кај пациенти кои имале срцева болест или дијабетес.

Треба да знаете
Последни објави