Дождот, кој врне во областа на Чернобил, им помогна на пожарникарите, кои веќе 11 дена се борат со голем пожар во непосредна близина на напуштената нуклеарна централа.
Одделни огништа, каде се зафатени треви и шуми во четири шумски области во регионот сè уште тлеат, соопшти денеска украинската државна служба за вонредни состојби, пренесе ТАСС.
И покрај дождливото време, хеликоптерите од противпожарната служба утрово исфрлија уште 538 тони вода. Во борбата со стихијата учествуваат 415 лица со 98 единици техника. Временската прогноза укажува дека во близина на нуклеарната централа ќе продолжи да врне дожд до пладне.
Новата еколошка катастрофа ја погоди зоната на Чернобил на 4 април. Оттогаш, опожарени се 12 поранешни села, чии жители беа евакуирани по хаваријата во 1986 година. Безбедносните сили го приведоа осомничениот 27-годишен жител, кој ја запалил тревата во близина на напуштената фарма и потоа пламенот се прошири и зафатина голема површина, Тој е обвинет за „уништување или оштетување на растителниот свет”.