Тековните пожари во Зоната на исклученост на Чернобил во Украина не влијаат на состојбата со радијацијата во соседна Полска, вели Грегорж Свиц, заменик директор на Владиниот центар за безбедност, пренесува „Спутник“.
„Тековните шумски пожари околу централата во Чернобил во Украина од 4 април не влијаеја на состојбата со тадијацијата во Полска“, напиша Свиц на Твитер доцна во понеделникот.
Свиц рече дека нивото на радијација регистрирано од полските станици за откривање на радиоактивна контаминација не отстапува од нормата и не укажува на појава на радиоактивни изотопи.
Стотици украински пожарникари и локални доброволци се вклучија во гаснењето на шумските пожари во напуштените региони околу местото на озлогласната нуклеарна катастрофа.
Но од Од „Гринпис Русија“ претходно предупредија дека ситуацијата е многу полоша од што веруваат украинските власти и дека пожарите покриваат подрачје 1.000 пати поголемо од тоа што тврдат научниците, кои соопштија дека пламенот опфатил површина од 20 хектари, а „Гринпис“ се повика на сателитски снимки кои покажуваат дека во тоа време била зафатена површина од речиси 12.000 хектари.
„Според сателитските снимки снимени денеска, површината на најголемиот пожар достигна 34.400 хектари“, соопштија од организацијата и додаваат дека вториот пожар, кој се простира на 12.600 хектари, бил оддалечен само еден километар од деактивираната нуклеарна централа.
Сателитските снимки на НАСА покажуваат дека двата пожара се прошириле длабоко во забранетата зона. Пожарите избија на 3 април во западниот дел на забранетата зона и се проширија на околните шуми.
Полицијата наведе дека е идентификуван 27-годишен локален жител кого го обвинуваат дека го подметнал пожарот.