Американската актерка Рита Вилсон откри дека за време на на нејзиното лекување од Ковид-19, го примала антималарискиот лек хлорокин и имала сериозни несакани ефекти од него.
Евтиниот лек и неговиот помалку токсичен дериват хидроксихлорокин ги пофали американскиот претседател Доналд Трамп во борбата против коронавирусот, иако тие сè уште не се одобрени како лек за болеста Ковид-19.
Рита Вилсон и нејзиниот сопруг, актерот Том Хенкс, беа хоспитализирани во Австралија на почетокот на март, откако беа тестирани позитивни на болеста. Според актерката и пејачката Хенкс имал поблаги симптоми.
Во интервју за „Ова утро” на Си-Би-Ес, Вилсон откри дека имала симптоми на вирусот првите неколку дена, вклучително и замор, болка и температура со „треска што никогаш порано не ја почувствувала”.
Таа додаде дека почнала да го прима антималарискиот лек околу деветтиот ден.
– Познато ми е дека луѓето зборуваат за тој лек. Јас лично можам да кажам дека не знам дали лекот делуваше или едноставно дојде времето треската да ми помине. Таа навистина помина, но хлорокинот имаше ужасни несакани ефекти. Постојано ми се гадеше, имав вртоглавици, не можев да одам, ги чувствував мускулите многу слаби. Мислам дека луѓето треба да бидат многу внимателни со тој лек. Всушност не знаеме дали делува во овој случај, рече Вилсон.
Таа и сопругот Хенск дарувале крв за да помогнат за истражување на вирусот.