Еден инфектолог и една медицинска сестра од хируршка сала на Одделението за ортопедија се позитивни на коронавирус, со што бројката на заразени здравствени работници во штипската Клиничка болница се искачи на шест. Случај со пациент на кого му требало итна операција на ортопедија од минатиот петок во самоизолација смести четворици здравствени работници, а една сестра е позитивна.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека епидемиологот направил епидемиолошка анкета со вработените во овој оддел, по што од страна на болницата се преземени мерки.
Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека деновиве на Инфективното одделение работата ќе се нормализира, со враќање на 10 здарвствени работници.
-На работа се враќаат осум медицински сестри, еден инфектолог и една болничарка на кои и двата теста покажаа дека се негативни на коронавирусот. Таму на нашиот инфектолог во моментов и помага и лекарка од Кочани, рече Ѓеорѓијев.
На интензивна нега и покрај тоа што еден анестезиолог е заразен нема проблеми со кадарот, оцени Ѓеорѓијев, бидејќи на работа се и специјализантите. Тестовите и покрај тоа што беа приоритетни за здравствените работници доцнеа и по неколку денови, проблемот ќе се надмине со доставување во лабаротијата во МАНУ, а од денеска не стартуваше поради технички причини. Но, Ѓеорѓијев смета дека овој проблем ќе се надмине деновиве.
Досега од штипската клиничка болница се тестирани 18 здравствени работници. На инфективното одделение се хоспитализирани вкупно 14 пациенти од источниот регион.
-Девет пациенти се со потврдена корона инфекција кои се на нашето одделение. Една пациентка е пуштена на домашно лекување, има два негативни бриса и многу скоро ќе биде прогласена за излекувана и ќе го продолжи животот нормано. Но, на најзино место имаме примено нов пациент така да повторно имаме девет пациенти кои се лежечки и сега веќе имаме и пет пациенти кои се сомнителни на корона инфекција. Утринава е примен уште еден пациент од Кочани којшто клиничката слика укажува дека е корона инфекција, но тоа треба да се докаже, рече Ѓеорѓијев.
Тој е благодарен на општествено одговорните компании кои досега на сметката на болницата донираа 600.000 денари, а дополнително над 5.000 евра се донирани во заштитна опрема за здравствените работници.