Здравствените експерти откриле дека, пушењето марихуана, дури и повремено, може да го зголеми ризикот од потешки компликации со Ковид-19, болест предизвикана од новиот коронавирус.
„Кога пушите канабис, тоа предизвикува одреден степен на воспаление на дишните патишта, многу слично на бронхитисот, како и вид на воспаление што може да биде предизвикано и од пушење цигари“, вели пулмологот д-р Алберт Рико, главен медицински директор на Американското здружение на пулмолози, пренесува Си-ен-ен.
Според него, шансите за компликација се зголемуваат бидејќи тоа значи дека веќе имате некое воспаление на дишните патишта, а згора на тоа добивате и инфекција.
Друг проблем што се јавува е тоа дека сувата кашлица е еден од клучните симптоми за Ковид-19, а секоја кашлица предизвикана од пушење марихуана може лесно да се поистовети со тој симптом, што ја отежнува дијагнозата, тврди професорот Мајкл Глас, портпарол на здружението.
Пушачите, лицата со хронично опструктивно белодробно заболување и други хронични респираторни заболувања, како и лица со умерена до тешка астма, се изложени на ризик од потенцијално тешки форми на Ковид-19, вклучувајќи го и најлошото сценарио на поврзување со респиратор, пренесува Си-ен-ен.