Меркел: Германија многу внимателно ќе почне со олабавување на мерките

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска најави дека мерките за физичко дистанцирање ќе останат на сила, но дека ќе има многу внимателно постепено олабавување на некои рестриктивни мерки, како што е отворање на дел од продавниците во понеделник.

Меркел, по состанокот со премиерите на покраините, рече дека Германија постигнала успех во борбата против коронавирусот, бидејќи е спречено преоптоварување на здравствениот систем.

– Тоа што го постигнавме е само етапен успех, кој е многу кревок. Се согласивме дека не треба да има избрзано дејствување. Треба да разбереме дека ќе мора да живееме со овој вирус сè додека не се пронајде лек или вакцина и затоа треба да го обезбедиме она што го постигнавме, рече Меркел на прес-конференција.

Таа истакна дека е договорено мерките, како што е задолжително држење растојание во јавност меѓу лица од најмалку 1,5 метри, да останат на сила, како и одредбата со која се забранува движење со повеќе од едно лице кое не е од исто домаќинство. Исто така, рече дека сите прекршувања ќе продолжат да бидат строго казнувани.

Меркел смета дека треба да има можност за што побрзо откривање на синџирот на инфекцијата, за што, како што рече, веќе се работи на подготвување апликација.

– Ако сме во состојба да го ограничиме жариштето, тогаш олабавувањата на мерките не се проблематични, рече Меркел.

Исто така, рече дека ќе им се препорача на граѓаните да носат заштитни маски во јавниот превоз и во продавници.

Германската канцеларка најави дека од 4 мај ќе се отворат училиштата за матурантите и другите завршни одделенија, додека основните училишта и градинките ќе останат затворени.

– Наставата мора да биде организирана во мали групи и мора да биде изграден концепт за паузи, но и за превоз, појасни Меркел.

Што се однесува до фризерските салони, тие ќе почнат да работат од 4 мај, но со концепт за одржување хигиена.

Во однос на верските заедници, таа им се заблагодари на црквите за поддршката на мерките за време на Велигден и најави дека верските собирања и натаму нема да се одржуваат.

Меркел рече дека од понеделник можат да почнат со работа продавниците кои имаат површина до 800 метри квадратни, но со добар концепт за користење и хигиена и да воспостават ред за да не се создава метеж.

Премиерот на Баварија, Маркус Шедер рече дека е договорено продавниците да се отвораат со јасен концепт за заштита и мерки, како што е ограничување на купувачите, еден на 20 метри квадратни.

Шедер истакна дека хотелите и трговските центри нема да почнат со работа и дека до крајот на август нема да се одржуваат големи манифестации.

Во однос на училиштата, Шедер појасни дека градинките и основните училишта од прво до трето одделение и натаму нема да работат, бидејќи, како што рече, не може од мали деца да се бара да разберат дека мора да носат заштитни маски.

На прес-конференцијата беше најавено дека состаноците на канцеларката Меркел со премиерите на покраините ќе се одржуваат на секои две недели за да се разгледува развојот на ситуацијата.

Треба да знаете
Последни објави