Амбасадорот на Италија во Косово, Никола Орландо ја поздрави заложбата на министерот за здравство на Косово Арбен Витиа и неговиот колега од Србија Златибор Лончар за, како што вели, практична соработка во напорите за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.
Орландо попладнево објави на својот Твитер дека Италија, заедно со меѓународната воена мисија во Косово, КФОР, беа домаќини на видео-конференција меѓу првите луѓе на здравството на двете држави.
Италијанскиот дипломатски претставник во Приштина ја поздрави, како што напиша, посветеноста на министрите Витиа и Лончар „да ги надминат дистанците и да се посветат на здравјето на граѓаните, како врвен приоритет” на двете држави.
Министрите на Косово и Србија, според Орландо, разменија информации за ситуацијата на терен и за преземените дејствија за справување со пандемијата и го нагласија значењето на соработката меѓу државите за спречувањето на ширењето на новиот коронавирус во регионот.