ФБИ испрати известување до компаниите низ САД предупредувајќи ги за лажни медицински извештаи и фалсификувана документација на вработени кои тврдат дека имаат позитивни резултати на тестови за Ковид-19.
Во извештајот, Бирото предупредува дека чекорите што компаниите мора да ги преземат за да престанат со работа и да ги санираат работните места може да доведат до значителни финансиски загуби, пренесува Си-ен-ен.
Како еден од примерите во извештајот на ФБИ е опишан инцидент што се случил во март кога вработен кој работел во компанија чиј назив не се прецизира, им кажал на шефовите дека е позитивно тестиран на коронавирус, со приложување на наводна документација од медицинска установа.
„Компанијата поради ваквата вест го затворила производствениот погон поради дезинфекција, прекинувајќи го производството и испораката на потребните материјали до фабриката“, соопшти ФБИ.
По внимателно испитување на медицинската документација на вработениот, утврдено е дека станува збор за фалсификат.
ФБИ проценува дека компанијата изгубила околу 175.000 долари како резултат на измамата.
Соработник на наводниот измамник, верувајќи дека е изложен на опасност од вирусот, се соочил и со лични финансиски загуби откако решил да изнајми имот каде ќе биде во карантин со цел да не ги загрози членовите на неговото семејство, се вели во соопштението.