Сенаторката од Масачусетс, Елизабет Ворен го поддржа Џозеф Бајден за демократски кандидат за претседател на САД.
Ворен е последната во низата поранешни ривали на Бајден кои го поддржаа во трката за претседателска номинација, со што Демократската партија покажува единство за да го порази актуелниот претседател Доналд Трамп на изборите во ноември.
– Џо Бајден го помина речиси целиот свој живот во државна служба. Тој знае дека влада која се води со интегритет, компетентност и срце, ќе ги спаси животите и егзистенцијата на луѓето, рече Ворен во видеото во кое објави дека го поддржува Бајден.
Ворен додаде дека „не може да се дозволи Доналд Трамп да продолжи да ги загрозува животите и егзистенцијата на секој Американец”.
Елизабет Ворен на почетокот од минатиот месец се откажа од трката за демократски кандидат на претседателските избори во САД по нејзиното лошо претставување во неколку американски сојузни држави.
Ворен имаше предност во неколку национални анкети на јавното мислење минатото лето, но не успеа да изгради широка коалиција што ќе ја доведе до успех во „супер вторникот” на 3 март и заврши зад Берни Сандерс и Џо Бајден во 14 држави.