Француски градоначалник морал да бега за да си го спаси животот откако еден незадоволен мештанин го принудил да се соблече гол заканувајќи му се со пиштол во неговиот дом, пренесува РТ.
Бизарната конфронтација почнала како навидум обична средба помеѓу Паскал Хуброн, 53-годишниот градоначалник на Биорел, во северниот дел на Франција во Нормандија, и еден од локалните жители во вторникот утрото.
Хуброн организирал работни состаноци дома затоа што Градското собрание е затворено поради пандемијата на Ковид-19. За време на состанокот, напаѓачот извадил огнено оружје – што подоцна се покажало како воздушен пиштол – и му се заканил на Хуброн.
„Го насочи пиштолот кон мене, ме спречуваше да ја напуштам куќата. Ме принуди да се соблечам и ме фотографираше“, изјави градоначалникот за радио „Франс блу“.
И покрај тоа што напаѓачот бил вооружен, градоначалникот на крај успеал да избега од својот дом.
„Истрчав гол, викајќи за помош, до соседот кој ме сокри во својата гаража“, вели Хуброн.
Осомничениот, во меѓувреме, ѝ се предал на полицијата и бил приведен, а за случајот е отворена истрага. Хуброн за локалните медиуми изјави дека напаѓачот е незадоволен мештанин кого го познава веќе 15 години.
„Тој предложи проект за урбанистичко планирање, кој не беше спроведен поради силно спротивставување од други граѓани“, објасни Хуброн, додавајќи дека осомничениот првично пристигнал во неговиот дом за да разговара за нов проект.
Што се однесува до разголената фотографија, Хуброн посочи дека човекот сакал да ја објави на социјалните мрежи. Хуброн вели дека е шокиран од инцидентот.
„Добив закани со смрт, но не е исто како да имате оружје вперено во вас. Не ме избраа за тоа! Бев доволно љубезен и примив граѓанин во својата куќа и гледајте што се случи “, рече Хуброн.